Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Заедно го креираме градскиот буџет за 2026 година

Град Скопје оваа година го започнува процесот на креирање на буџетот со максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Со јасна определба да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, буџетот за 2026 година ќе биде изработен преку отворен и партнерски пристап, во кој секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес, соопштуваат од Градот Скопје.

Како град кој се стреми кон стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги за граѓаните, велат оттаму, Скопје го става дијалогот во центарот на сите процеси. Со тоа, нагласуваат од Град Скопје, ја потврдуваат заложбата дека буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија што се гради врз реалните потреби, предизвици и визија за иднината на градот.

-Почитувани скопјани, транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. И за време на кампањата кога ја барав вашата доверба, но и кога секојдневно раководев со Кисела Вода. Истото начело го води и градот Скопје денес. Токму затоа, годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со вас, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додава дека работејќи во постојана комуникација со граѓаните, веќе собрале голем број конструктивни предлози. Но, вели, процесот е отворен и затоа ги повикува сите партнерски да се вклучат во создавањето на буџетот кој, како што нагласува, ќе го забрза повторното заживување на нашиот град.

-Скопје има огромен потенцијал, а со заедничка визија и мудро планирање можеме да го претвориме во град со кој секој ќе се гордее. Во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што ги најавивме во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрувања кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани и ќе донесат поголем квалитет на живот. Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје, истакнува градоначалникот Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје идеите и предлозите ги очакуваат на gradskibudzet2026@skopje.gov.mk .

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1