Connect with us

Скопје

Општина Ѓорче Петров одбележа 81 година од ослободувањето

Со пригодна свеченост во реонскиот парк, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 ноември – Денот на ослободувањето на општината, ден кога пред точно 81 година слободата го пронашла својот пат и го означила почетокот на новото поглавје во историјата на оваа заедница.

На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на делегации, советници, вработени во општината и бројни граѓани, кои со пиетет се потсетија на храброста и жртвата на борците кои ја донеле слободата.

Во своето обраќање, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека 14 ноември е ден на гордост, благодарност и обврска кон минатото и иднината.

-Ова е денот кога слободата го пронајде својот пат и ја запечати судбината на ова место како симбол на отпор и достоинство. Нашата должност е нивната жртва да не се заборави, нивните имиња да останат врежани во колективната меморија, а нивниот дух да не води и во современите времиња – рече Стојкоски.

Тој додаде дека современо Ѓорче Петров денес е општина на развој и можности.

-Денес Ѓорче Петров е симбол на развој, на нови можности, на заедништво и човечка срдечност. Го градиме како современа и просперитетна општина, каде што секој граѓанин има право на достоинствен живот, безбедност и квалитетна инфраструктура – нагласи Стојкоски.

Градоначалникот потенцираше и дека љубовта кон татковината не се мери со зборови, туку со дела.

-Љубовта кон својата земја се покажува со секојдневна посветеност, со секое засадено дрво, секоја изградена улица, училиште, градинка и секој проект што го подобрува животот на граѓаните. Слободата не се подарува – таа се заслужува, се брани и се гради секојдневно – подвлече Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2