Политика
Вреди му порача на Али Ахмети да си поднесе оставка
Изборниот штаб на коалицијата Вреди во Тетово вечерва оцени дека, според освоените општини, оваа политичка опција станува втора по сила меѓу Албанците во државата. На прес-конференцијата, Башким Бакиу изјави дека „Вреди“ ја заокружува промената во албанскиот политички блок.
„Вреди постигна убедлива победа во речиси сите општини каде што бевме во втор круг. Од срце им се заблагодарувам на сите граѓани за поддршката што ја потврди нашата исправна визија. Во овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика, како и во Боговиње, Дебар, Долнени и Струга“, рече Бакиу.
Тој нагласи дека, како што рече, граѓаните испратиле јасна порака до ДУИ и до нивното раководство.
„И пред две недели и денес, граѓаните зборуваа јасно и гласно. Деструктивните политики на ДУИ и нивните лаги и манипулации повеќе не поминуваат. Време е Али Ахмети да поднесе оставка и оваа партија да се реформира доколку сака да опстане. За Албанците во Македонија доаѓа светла иднина – иднина со работа, проекти и нови вредности“, изјави Бакиу.
На новинарско прашање за ситуацијата во Кичево и Брвеница, Бакиу изјави дека таму, како што рече, „изборите биле предадени од страна на Али Ахмети“, додавајќи дека лидерот на ДУИ денес бил во Тирана, „наместо да се соочи со граѓаните дома“.
ноември 3, 2025

