Connect with us

Свет

Американската војска со контролирана детонација уништи пет тони нестабилен оловен азид

Американската војска денеска во фабрика за муниција во југоисточна Ајова, согласно планираното, со контролирана детонација ја уништи целата своја залиха од пет тони оловен азид, хемикалија што се користи за активирање бомби.

Хемикалијата била расипана и нестабилна поради предолгото складирање, а официјални лица претходно соопштија дека постои ризик деградираниот материјал неконтролирано да експлодира со опаѓањето на температурите. Денеска температурата веќе беше околу нулата.

Властите ги повикаа жителите во радиус од осум километри, од местото на детонацијата, да се евакуираат за да избегнат изложеност на оловна прашина во воздухот.

Американската Агенција за заштита на животната средина соопшти дека нејзините уреди поставени околу фабриката за муниција по детонацијата не регистрирале присуство на олово во воздухот.

На видеоснимките направени од оддалеченост од неколку километри се гледа како брзо се разидуваат два столба чад над местото на детонацијата, а на снимката од локацијата, објавена од војската, се гледа бункер опкружен со земен насип и блокови исполнети со песок.

Пред детонацијата, војската постави „противексплозивни бариери“ околу бункерите во кои беа активирани 68 буриња со оловен азид. Материјалот беше опкружен со бетонски и песочни бариери високи колку двокатна зграда. Беа нанесени специјален гел и пена за да ја впијат оловната прашина, а војската најави дека материјалот ќе биде полиен со повеќе од 400 тони вода за да се спречи создавањето облак од прашина.

Детонацијата првично беше планирана за минатиот петок, но војската трипати го менуваше датумот поради противењето на јавноста, потребата да се подготват безбедносните мерки и да се обезбедат временски услови без ветер, какви што имаше денеска.

Планот за детонација на овие залихи предизвика загриженост поради можните здравствени и еколошки последици од оловната прашина, како и незадоволство поради недостигот на информации. Еколошките организации поднесоа тужба со цел да го запрат планот, но судската одлука донесена во понеделникот овозможи детонацијата да биде изведена. Федералниот апелациски суд утврди дека американската Агенција за заштита на животната средина соодветно ги вклучила заштитните мерки за да се намали ширењето на оловната прашина во најголема можна мера.

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи оцени дека „постапката на војската ги надминува очекувањата“.

Според Роберт Секада, директор на Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви, залихите со оловен азид биле донесени во 2009 година од воени бази низ САД на локацијата во Ајова. Хемикалијата, која се користи во производството на муниција, била складирана во буриња за во случај повторно да ѝ затреба на војската.

За време на инспекцијата во март, вработени во фабриката за муниција откриле дека оловниот азид делумно кристализирал, па затоа станал чувствителен на триење и ниски температури, создавајќи ризик од спонтана детонација.

Војската собрала експерти за да изработат план, а тие утврдиле дека контролирана детонација е единственото решение, бидејќи другите методи, како термичка обработка или неутрализација на содржината во бурињата, не се доволно безбедни.

Ad
Ad