Сцена
Ракописи на Боб Дилан и трака „Мекензи“ на наддавање во „Сотби’с“
Во декември, американската аукциска куќа „Сотби’с“ (Sotheby’s) во Њујорк ќе понуди ретки ракописи и работни текстови на американскиот кантавтор Боб Дилан. Меѓу предметите што се ставени на продажба се и рачно напишани белешки за песната „Subterranean Homesick Blues“, од средината на 60-тите. Овие три страници, напишани со црно мастило, се проценуваат на вредност меѓу 400.000 и 600.000 долари.
На наддавањето ќе биде понудена и една од таканаречените „Снимки Мекензи“ – необјавени траки од приватен настап што Дилан. Се работи за рани, домашни, акустични музички снимки на Дилан, настанати во текот на неговите почетоци во Њујорк, во домот на неговите пријатели Ева и Мек Мекензи, во периодот меѓу 1961 и 1963 година. Оваа конкретна снимка потекнува од 1963 година и се проценува на вредност меѓу 15.000 и 20.000 долари.
Натаму, за две страници со стиховите на антивоената песна „Masters of War“, исто така, ќе се бара нов сопственик. Нивната проценета вредност е меѓу 350.000 и 400.000 долари. Не е познато кој е сегашниот сопственик на овие документи, ниту кој ќе оствари заработка од нивната продажба.
Дилан се смета за еден од највлијателните музичари и кантавтори на сите времиња. Со песни како „Blowin’ in the Wind“, тој стана гласот на генерацијата од 60-тите и икона на движењето за граѓански права. Во текот на својата кариера, тој неколкупати го менува својот музички израз, преминувајќи од фолк-музика кон рок, кантри и госпел. Иако избегнува да биде идол, а понекогаш и намерно се дистанцирал од своите обожаватели, неговото влијание врз историјата на музиката е неоспорно. Во 2016 година, тој ја доби Нобеловата награда за литература.
Иако има 85 години, тој сè уште настапува. Во неделата одржа настап во Франкфурт. Тоа беше последниот од низата од седум концерти во Германија, во рамките на неговата тековна турнеја. Претходно овој месец, за време на престојот во Рим, тој одвои време од своите концертни обврски за да се сретне со папата Лав во Ватикан. Тогаш, двајцата Американци остварија краток разговор и разменија подароци.
ноември 23, 2026

