Сцена
Квентин Тарантино го доби третото дете со сопругата Даниела
Американскиот филмски режисер и сценарист Квентин Тарантино (63) го доби третото дете со сопругата, израелската пејачка и актерка Даниела Пик Тарантино (43), која роди момче, потврди претставникот на славниот режисер за списанието „Пипл“.
„Двојката е пресреќна што може да го објави раѓањето на своето трето дете, момче“, наведе претставникот на семејството.
Тарантино и неговата сопруга веќе ги имаат шестгодишниот син Лео и четиригодишната ќерка Адријана. Двојката се запозна во 2009 година, кога режисерот престојуваше во Израел за промоција на филмот „Неславни копилиња“, а се венчаа во 2018 година, по повеќегодишна врска со прекини
Тарантино е познат по филмовите „Евтини приказни“, „Касапски кучиња“, „Џеки Браун“, „Одмаздата на Џанго“ и „Беше еднаш во Холивуд“. За сценаријата на филмовите „Евтини приказни“ и „Одмаздата на Џанго“ освои Оскар. Неговата сопруга Даниела е ќерка на израелскиот поп-пејач Цвика Пик, а покрај соло музичката кариера, се занимавала и со глума.
Тарантино претходно говореше дека филмската кариера му била на прво место и оти долго сметал дека семејниот живот би можел да биде пречка за неговата творечка работа. Меѓутоа, откако основа семејство, повеќепати навести дека неговиот десетти режисерски филм би можел да биде последен во неговата кариера.
ноември 23, 2026


