Култура
Концерти на млади музички таленти со македонско потекло во Ниш
Виолинистката Вероника Мона Богиќ и пијанистот и композитор Никола Лекиќ, млади музички уметници кои градат успешни кариери во Србија, вечерва ќе одржат концерт во Ниш. Настанот го организира Културно-информативниот центар (КИЦ) Белград, во рамките на проектот за промоција на музички таленти со македонско потекло.
Концертот ќе се одржи во 19 часот, во Концертно-изложбениот простор на Факултетот за уметности во Ниш, а е насловен „Извори“, според истоимената композиција на Никола Лекиќ, напишана за виолинистката Вероника Мона Богиќ.
Делото, премиерно изведено во мај годинава на Деновите на македонската култура, е инспирирано од музичкото наследство на Балканот, особено од Македонија. Традиционалните мотиви се препознатливи и во завршниот дел од композицијата, со карактеристичниот ритам 7/8.
На програмата се и дела од македонските композитори Томислав Зографски и Давор Јовановски. Публиката ќе има можност да ја слушне Свитата за виолина и клавир, опус 28, од Зографски, како и композициите „Анели“, „Клеј клаудс“ и „Јовка“ од Јовановски.
Никола Лекиќ е композитор, диригент и пијанист, со образование од Музичкиот колеџ „Беркли“ и Универзитетот за уметности во Белград. Неговото творештво опфаќа музика за филм, театар, анимации, видеоигри и концертни дела. Добитник е на 17 награди на национални и меѓународни натпревари, а како диригент има работено и во лондонското студио „Ер“.
Вероника Мона Богиќ е дипломирана и магистрирана виолинистка на Факултетот за музичка уметност во Белград, а моментално е на докторски студии. Добитничка е на бројни награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и признанието „Охридски бисер“ во 2016 година, кога беше прогласена за апсолутна победничка во сите категории. Настапувала на концертни сцени во повеќе европски и светски земји.
Двајцата уметници имаат македонско потекло по мајчина линија и се познавачи на традиционалното и современото македонско музичко творештво.
Концертот ќе го отворат деканката на Факултетот за уметности, Милена Ињац, и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров. Проектот за промоција на млади музички таленти кои живеат и работат во Србија се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.
ноември 23, 2026


