Култура
„Локомотива“ со две перформативни дела на 51. издание на МОТ
Долгогодишната соработка меѓу Младинскиот културен центар (МКЦ), МОТ – Меѓународниот театарски фестивал и организацијата „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ продолжува и во рамки на 51. издание на МОТ. Ова партнерство, кое низ годините овозможува континуирано претставување и развој на современите уметнички практики, е пример за важноста на поврзувањето на јавните културни институции со независната културна сцена.
На 23 ноември (понеделник), со почеток во 20 часот, во салата „25 Мај“ во МКЦ, „Локомотива“ ќе се претстави со две перформативни дела – „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма (AT)“, во авторство на Викторија Илиоска и Марија Хубер.
„Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ е кореографски истражувачки проект кој на перформансот му пристапува како на подготовка за иднината во која веќе живееме. Преку телото, движењето и колективното искуство, делото ги истражува економската, политичката и еколошката нестабилност како секојдневна состојба. Во фокусот е опстојувањето како кореографска и политичка стратегија – способноста за заедничко носење на тежината, истрајување и создавање форми на поддршка во услови на неизвесност.
Вториот дел, „Мочуришна драма (AT)“, е перформативно предавање на Марија Хубер, која преку своето драг-алтер его Крокодилска Солза ги истражува флуидните граници меѓу драг-перформансот, кореографијата со предмети и филозофското предавање. Низ лични искуства, кантри песни и прашања за ранливоста, заедничкото тагување и создавањето отпорни простори, делото отвора простор за поинакво промислување на квир и деколонијалната драматургија.
Соработката меѓу МКЦ/МОТ и „Локомотива“ е долгогодишна и суштински важна за развојот на современата изведувачка сцена во Македонија. Низ годините, ова партнерство создава простор за афирмација на нови уметнички практики, експериментални формати и интердисциплинарни пристапи, овозможувајќи независните уметници и организации да бидат активен дел од фестивалската програма. За МОТ, соработката со „Локомотива“ е дел од континуираната заложба фестивалот да биде отворена платформа за современи уметнички изрази, критичко промислување и нови сценски јазици.
Билетите се по цена од 400 денари и може да се набават онлајн преку bileti.mkc.mk.


