Connect with us

Скопје

Нова спортска сала добива подрачното основно училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Хром

Нова спортска сала добива подрачното основно училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во скопската населба Хром. На денешниот увид во градежните активности присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

– Најпрвин сакам да му честитам на градоначалникот што за исклучително кратко време овој објект доби своја физиономија и за кратко од денес, учениците во ова училиште ќе го користат. И би сакал што повеќе вакви објекти што ќе можат нашите најмили да ги користат, да спортуваат бидејќи со спорот се гради и духот, а кога ќе научите да го градите духот на витешки начин, тоа ќе ве следи до крајот на животот. И наместо да се занимавате со ниски страсти, вие ќе водите витешки борби. Нормално, животот е полн со предизвици и тие предизвици е важно витешки да ги совладувате, а не да наоѓате срамни опции што понатаму во животот на погрешна насока ќе ве изградат како личност, рече премиерот.

Тој нагласи дека ваквите спортски објекти се многу значајни и апсолутна поддршка имаат и сега, но ќе имаат и во иднина.

– Честитам и на Министерството за образование за сето ова што го прави изминатиов период и многу е важна таа синергија, посебно во образованието, бидејќи Општината и Министерството за образование треба да се надополнуваат и да одговорат на потребите на нашите најмили, на дечињата.Исто така, би сакал да се заблагодарам и на пратениците коишто доаѓаат од овој регион, на советниците, на администрацијата во Општина Ѓорче Петров, што навистина инспиративно ја следи работата, амбициозната агенда на градоначалникот. Впрочем, тоа го покажуваат и истражувањата на јавното мислење. Сведоци бевме неодамна пред неколку дена на едно такво јавно мислење, конкретно овде за општина Ѓорче Петров, каде што е речиси извесно дека жителите на општина Ѓорче Петров многу јасно ја препознаа амбициозната агенда на градоначалникот и продолжуваат да ја поддржуваат и убеден сум дека и во следниот четиригодишен мандат, тој ќе направи толку многу работи, како во првиот свој мандат, што навистина ќе делува инспиративно за граѓаните и ќе ги подобри условите за живот, истакна премиерот.

Тој рече дека актуелниот градоначалник честопати е скромен и не сака да каже во каква состојба била Општината на почеток.

– Од тежок минус, од дебела минусна сметка, успеа да ја извади буквално од банкрот за да денес еве може да си дозволи ваков тип на развојни проекти. Ние како Влада и во првиот и во вториот повик финансираме проекти овде во општина Ѓорче Петров, ако не се лажам, околу 6-7 милиони евра. Така ќе продолжиме и во периодот којшто следи, потенцираше премиерот.

Министерката Јаневска во изјавата за медиуми рече дека општина Ѓорче Петров останува во инвестицискиот фокус на Владата и Министерството за образование и наука. Се планирало обезбедување услови за едносменска настава и во други училишта во општината.

– Заедно со локалната власт, односно со Општината, продолжуваме да инвестираме и во други објекти, така како што Општината ќе одлучи дека има потреба, но, тоа што е во ингеренции на Министерството, нагласи Јаневска.

Градоначалникот Стојкоски рече дека станува збор за проект што повеќе од 10 години го чекале жителите на Хром.

– Голем проект, голема радост за овој дел на Ѓорче Петров, истакна градоначалникот.

Стојкоски појасни дека најголем дел од проектот е завршен, потребно било само уште да се завршат приклучоците за канализација и за водовод, а тоа веќе било поднесено документациски.

– Проект што е со вкупна вредност, вклучувајќи ја и опремата, околу 21 милион и 500 илјади денари. Пари што се целосно обезбедени од буџетот на општина Ѓорче Петров. Проектот „Нова спортска сала за Хром“ е само еден од повеќето капитални проекти, што ќе се одразат и ќе се реализираат на овој дел од општината Ѓорче Петров. Во скоро време ја започнуваме доградбата на ова подрачно основно училиште со уште осум нови училници, со цел да обезбедиме услови за децата во ова подрачно училиште да одат во едносменска настава, најави Стојкоски.

Тој најави и други проекти, рече дека нема да запрат тука, туку ќе продолжат со изградба на нови објекти.