Свет
Украински антикорупциски служби: Високи функционери од безбедносниот сектор земале поткуп за да прикриваат нелегални бизниси
Украинските антикорупциски служби соопштија дека високопоставени државни функционери од безбедносниот сектор и органите на прогонот систематски земале поткуп за да овозможат непречено работење на лажни кол-центри и други нелегални деловни активности.
Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САП) соопштија дека во рамки на поголема операција за која првпат јавно беше објавено во септември, актуелни високи функционери на Службата за безбедност на Украина (СБУ) и на Националната полиција се осомничени за учество во корупциски шеми заедно со припадници на криминалното подземје.
„Во рамки на операцијата ‘Картагена’, НАБУ и САП открија криминална организација чии членови воспоставиле систем за редовно поткупување високи функционери во органите на прогонот. За возврат, на лажни кол-центри и на други нелегални деловни активности им било овозможено непречено да работат“, објави НАБУ преку Телеграм.
Рано утринава НАБУ соопшти дека високопоставен функционер на СБУ со закани дека ќе употреби огнено оружје го спречил пристапот на истражителите на НАБУ до локација на која требало да биде извршен претрес.
„Додека истражителите на НАБУ спроведувале законски истражни дејствија врз основа на судска одлука на Високиот антикорупциски суд, еден од високите функционери на СБУ се заканил дека ќе употреби огнено оружје и ги спречил службените лица да влезат на локацијата предвидена за претрес“, се наведува во соопштението.
НАБУ соопшти и дека на местото на претресот пристигнале припадници на специјалните единици на СБУ.
ноември 4, 2026


