Општини
Гевгелија со повеќедневна програма ќе одбележи 82 години од ослободувањето на градот
Со театарската претстава „Деца на светот“, во изведба на театарот „Антон Панов“ од Струмица, вечерва во 19 часот продолжува програмата за одбележување на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Претставата ќе биде одиграна на местото на првично најавената поставка „Синот” од истиот театар, која како што известуваат од гевгелискиот Дом на култура се одложува поради оправдани причини.
Програмата за одбележувањето на празникот, годинава е во знакот на 82 години од ослободувањето на градот во Народноослободителната борба, велат општинските власти.
Во рамки на програмата, утре од 18 часот ќе се одржи концерт на учениците од Основното општинско музичко училиште „Васо Карајанов“, во концертната сала на училиштето. Од 19 часот, во Уметничката галерија „Амам“, ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници – Гевгелија, во организација на НУ Музеј- Гевгелија.
В петок во 12:30 часот, на платото пред Народниот театар, ќе започне детското дефиле, по што, во 13:00 часот, во Народниот театар, ќе следува промоција на спотот „Сите сме еднакви“, во организација на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“. Вечерта во 19 часот ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, а по седницата програма ќе продолжи со концертот „Апасионато“, со настап на Пламенка Трајковска и Камерниот оркестар, со почеток во 19:30 часот, во Народниот театар.
Централниот ден на одбележувањето, 7 Ноември, ќе започне в сабота во 12 часот со полагање цвеќе на спомен-обележјата во Гевгелија, во чест на борците и настаните поврзани со ослободувањето на градот. Вечерта, со почеток во 19 часот, во Народниот театар, ќе се одржи „Фолклорен ѓердан“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, посветен на традиционалните музички и танцови вредности.
Програмата ќе биде заокружена на 8 ноември, со настан на Здружението на пензионери „Сава Михајлов“, кој ќе се одржи во 19 часот во Народниот театар.
ноември 4, 2026

