Connect with us

Култура

Недела на јапонски филм до 10 ноември во Кинотеката

Недела на јапонски филм ќе се одржува од денеска до 10 ноември во Кинотеката  на Македонија и на 11 ноември во Центарот за култура во Битола.

Ќе бидат прикажани шест филма кои  ја претставуваат разновидноста на јапонската кинематографија – од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна. Преку различни жанрови и авторски пристапи, програмата отвора простор за запознавање со јапонската култура и со приказни за семејството, љубовта, солидарноста и личната слобода. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот со  бесплатен влез за посетители, без резервации. 

Програмата ќе биде отворена вечер со филмот „Чекор“ на режисерот Кен Иизука, емотивна приказна за татко кој, по ненадејната смрт на сопругата, сам ја одгледува својата ќерка. Низ нивното секојдневие, филмот зборува за родителството, загубата и силата на семејната блискост.

На 5 ноември ќе биде прикажан „Маскирано одделение“ на Хисаши Кимура, напнат трилер за лекар кој се соочува со опасен натрапник и со тајните на болницата. На 6 ноември следува „Речиси чудо“ на Јуја Ишии, приказна за младоста, добрината и првите љубовни чувства.

На 7 ноември на програмата е „Деца на морето“ на Ајуму Ватанабе, визуелно впечатлива анимирана авантура што ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата.

Програмата ќе продолжи на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?“ на Тецу Маеда. Инспириран од вистинска приказна, филмот ја следи решеноста на човек со мускулна дистрофија да живее самостојно и неговите односи со волонтерите кои му помагаат во секојдневието.

Неделата на јапонски филм во Скопје ќе заврши на 10 ноември со „Иване: Меч на спокојот“ на Кацухиде Мотоки, историска драма за самурај кој се обидува да започне нов живот, но се вплеткува во опасен заговор во периодот Едо.

На 11 ноември програмата ќе продолжи во Центарот за култура во Битола, со проекции на филмовите „Деца на морето“ и „Чекор“.

Ad
Ad