Connect with us

Општини

Извршено маркирање и поставени инфо-табли на планинарската патека до Станечките водопади во Крива Паланка

Планинарската патека во должина од 9,6 километри, што ги поврзува манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка со Станечките водопади и водопадот Хармонија во еден од прекрасните живописни предели на овај крај е маркирана и прочистена.

Општина Крива Паланка во соработка со здружението ЕГРИ, го поддржа прочистувањето и маркирањето на оваа планинарска патека со што е овозможено полесно и подобро пристапно посетување на овој локалитет.

-Со уредувањето на патеката, љубителите на природата и планинарењето добиваат подобрени услови за пристап до едни од впечатливите природни богатства на Осоговието. Дополнително, на почетната информативни табли е поставен NFC-таг, преку кој посетителите можат едноставно, со доближување на мобилниот телефон, да пристапат до дигиталната мапа на патеката. Посетата на оваа планинарска рута бара добра физичка кондиција и соодветна планинарска опрема, со оглед на нејзиниот карактер и должина – информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Оттаму потенцираат дека Осоговието нуди природни предели што вреди да се откриваат, доживуваат и чуваат. 

-Ве покануваме да ги посетите природните убавини на нашиот крај и да уживате во единственото доживување што го нудат природните убавини на Осоговието, Станечките водопади и водопадот Хармонија – додаваат од општината.

Маркирањето и активностите за уредување на водопадите се само уште една потврда за заложбите на општината за промоција и развој на туризмот во Осоговскиот регион, а истовремено и за добрата соработка на локалната самоуправа со невладиниот сектор.

Ad
Ad