Connect with us

Регион

Кипар и италијанска компанија потпишаа договори до 1,8 милијарди долари за прва комерцијална експлоатација на кипарскиот природен гас

Потпишувањето на договорите во висина и до 1,8 милијарди долари за развој на наоѓалиштето „Кронос“, а со тоа и за првата комерцијална експлоатација на кипарскиот природен гас, претставува силен глас на доверба за енергетските перспективи на нашата земја, со особено геополитичко и економско значење, посочи кипарскиот претседател Никос Христодулидис по потпишувањето на договорите со италијанската енергетска компанија „Ени“, надлежна за развој на проектот, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорите беа потпишани во Претседателската палата во Никозија, Христодулидис во писмената изјава нагласи дека тоа е „клучен чекор кон искористувањето на природните богатства на земјата“, а од италијанската енергетска компанија соопштија дека договорите се однесуваат на инженерство, набавка, изградба и дупчење за развојот на проектот „Кронос“, со што „официјално започнува фазата на реализација на проектот и се означува важен чекор кон комерцијализацијата на првиот проект за експлоатација на природен гас на Кипар“.

Наоѓалиштето на природен гас „Кронос“ е во блокот 6, во кипарската ексклузивна економска зона, односно во морскиот дел на Кипар, а според „Ени“, врз основа на проценетите ресурси од повеќе од 3 трилиони кубни стапки природен гас на почетокот на експлоатацијата, се очекува проектот да достигне максимално стабилно ниво на производство до 500 милиони стандардни кубни стапки дневно, а почетокот се очекува во првата половина на 2028 година.

– Развојот на проектот ќе се заснова на забрзан пристап, преку регионална интеграција и користење на постојната инфраструктура. Природниот гас произведен од „Кронос“ ќе се транспортира во Египет, каде што ќе се преработува во постојните постројки, вклучително и во инфраструктурата на проектот „Зохр“, пред да биде претворен во течна состојба во постројката за ЛНГ во Дамиета и да се извезе на меѓународните пазари, пред сè во Европа, соопштија од енергетската компанија и додадоа дека ова е прв развоен проект на „Ени“ на Кипар, но и прв проект за експлоатација на јаглеводороди во земјата.

Кипарскиот претседател посочи дека градат „економски посилен и геополитички позначаен Кипар, што ги искористува сите свои потенцијали во интерес на земјата и нејзините граѓани“.

Ad
Ad