Економија
Дурмиши: Потрошувачката кошница во септември 58.117 денари, КСОМ против кратење на празниците
Просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари помалку во однос на август, но за 1.736 денари повеќе споредено со јануари, информираше денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС).
На седницата се разговарало и за можните измени поврзани со неработните денови, работата во недела и плаќањето по работен час, но не биле доставени конкретни предлози.
Дурмиши по седницата на ЕСС изјави дека пресметката на Министерството за потрошувачката кошница има за цел да обезбеди проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците.
– Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата. За септември 2026 година, просечната потрошувачка кошница на Министерството изнесува 58.117 денари за четиричлено домаќинство. Таа е намалена за 358 денари, односно за 0,6 отсто во однос на август. Но, во споредба со јануари, зголемена е за 1.736 денари, односно за 3,1 отсто. Внимателно ги следиме и краткорочните движења и притисокот врз семејните буџети – рече Дурмиши.
Појасни дека пресметката опфаќа 11 категории и 101 прехранбен производ, при што се користат податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени од пет големи и три регионални трговски синџири. Како што истакна министерот, најголемите разлики се забележуваат кај храната и пијалаците, облеката и обувките, образованието, домувањето и комуналните трошоци, додека во категориите како одржувањето на домаќинството, рекреацијата и културата, пресметката на Министерството е повисока.
Во однос на инспекциските надзори, Дурмиши потенцираше дека досегашните редовни контроли на Пазарниот инспекторат не откриле зголемување на трговските маржи.
– Многупати сме кажале дека инспекциите ги контролираат маржите на трговците. Доколку при контролите се утврди зголемување на маржите над 10 или 15 отсто, имаме административни мерки со кои интервенираме, односно, како и во изминатиот период, донесуваме мерки за ограничување на маржите. Досегашните контроли, кои се спроведуваат на секои три месеци, не откриле такви злоупотреби. Се разбира, во рамките на другите надлежности на Пазарниот инспекторат, доколку се утврдат злоупотреби или прекршувања на законите од страна на трговците, производителите или дистрибутерите, се изрекуваат казни што треба да ги платат, а законите мора да се почитуваат и во наредниот период. Досега немаме утврдено зголемување на маржите од страна на трговците, особено во овој период на глобална криза – истакна Дурмиши, додавајќи дека инфлацијата изнесува 2,7 отсто и оти доколку дојде до енормно поскапување на дизелот, Владата повторно ќе интервенира преку акцизите и даноците.
Одговарајќи на прашање за барањата на синдикатите за минималната плата, министерот нагласи дека таа тема не била на дневен ред овој месец, но најави дека по Нова година, со поддршка од ЕУ во рамките на Реформската агенда, ќе започне изработка и на минимална кошница, како и посебни кошници за студенти, пензионери и различни типови домаќинства.
За иницијативите од коморите за плаќање по час и празниците, министерот рече дека немало конкретен предлог и дека стекнатите работнички права треба да се зачуваат.
Претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, порача дека синдикатите се едногласни против барањата на работодавачите за скратување на празниците.
– Видете, ние како синдикат ја разбираме положбата на Стопанската комора и на работодавачите. Меѓутоа, ние како синдикати, можам да кажам дека сите се согласуваме дека не се согласуваме со такви измени. Беше предложено конкретно да понудат кои празници би биле прифатливи, а кои не, особено кога станува збор за верските празници. Тогаш настанува проблем бидејќи одредени вработени доаѓаат на работа, а други не. Проблем има и кога празникот се паѓа во недела, бидејќи не се пресметува исто. Меѓутоа, да не се повторувам, чекаме да понудат конкретно решение, најверојатно на следната седница на Социјално-економскиот совет – изјави Ристески.
Тој апелираше работниците синдикално да се организираат и во секоја компанија да се потпишуваат колективни договори, нагласувајќи дека на седницата не се разговарало за минималната плата. Во врска со пресметката на потрошувачката кошница, тој укажа дека во неа мора да биде вклучен и трошокот за кирија.
– Во делот на киријата, таа треба да биде вклучена. Знаете, особено кога ја отвораме и таа тема, за нас веќе е несфатливо ова што се случува со кириите и станбениот простор во Македонија. Тука мора да се преземат конкретни чекори, бидејќи состојбата, особено со младите во државата, е многу тешка. Сите ние имаме деца, знаеме како е, а и вие сте млади. Многу е тешко во денешно време да се дојде до сопствен стан. Мора да му се стави крај на ова лудило – рече претседателот на КСОМ.
Додаде дека остануваат отворени и прашањата за Законот за работните односи, временските вработувања и злоупотребите со откази пред истекот на договорите со цел да се избегне исплатата на регресот за годишен одмор (К-15).



