Култура
Книгата „Италијанската литература и култура“ добитник на престижната меѓународна награда „Флајано“
Книгата „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ од проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ Јосимовска, која е во издание на „Арс Ламина“, е добитник на престижната меѓународна награда „Флајано“. Наградата, која е во категоријата италијанистика „Лука Атаназио“, им беше врачена на авторките на свеченоста одржана на 23 октомври, во рамките на 53-тото издание на оваа значајна културна манифестација, поддржано од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.
-Наградата „Флајано“ за првпат е доделена на македонски авторки во меѓународна конкуренција. Признанието претставува потврда за значењето на нашиот научен и истражувачки придонес, но и важен чекор во афирмацијата на македонско-италијанската културна соработка и меѓународната видливост на македонското творештво – истакнуваат авторките.
Меѓународнaтa наградa „Флајано“ е престижнo културнo признаниe, востановенo во 1973 година од Едоардо Тибони, во чест на италијанскиот писател и сценарист Енио Флајано и неговото творештво. Се доделува секоја година во Пескара, во повеќе области: театар, филм, телевизија, новинарство и книжевност. Меѓу нив особено се издвојува Меѓународната награда за италијанистика „Флајано – Лука Атаназио“, востановена во 2001 година. Таа има значајно место во италијанската култура и претставува едно од најрелевантните признанија за проучувањето на италијанската книжевност, јазик и култура низ светот. Нејзиното посебно значење произлегува од тоа што, покрај научните дела и преводите објавени надвор од Италија, ги афирмира и новите дигитални облици на културна комуникација.
Меѓународната награда „Флајано“ за италијанистика, единствена од ваков вид, веќе 25 години ја поддржува и финансира Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, со цел да ги поттикне проучувањето и промоцијата на италијанскиот јазик и култура во светот. Последните пет години наградата го носи името на амбасадорот Лука Атаназио, кој трагично го загуби животот во Конго при извршување на својата должност.
Наградата ја организира Културното здружение „Енио Флајано“, во соработка со Министерството и италијанските културни институти во странство. Четворицата добитници на јубилејното, 25. издание беа избрани меѓу многубројните пристигнати трудови од стручно жири, предводено од Изабела Камера Д’Афлито, почесна професорка на Универзитетот „Сапиенца“ во Рим.
Годинава доделувањето на наградата беше дел од програмата на Неделата на италијанскиот јазик во светот. По тој повод, во својата порака до учесниците на свеченоста, потпретседателот на италијанската влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, ја истакна важноста на промоцијата на италијанскиот јазик и култура за зајакнување на врските со италијанските заедници во светот и за градење нови меѓународни врски
Делото „Италијанската литература и култура“, објавено минатата година од „Арс Ламина“, произлезе од потребата да се збогати наставата по италијанска книжевност со публикација што на едно место ќе ги обедини најзначајните автори, дела и културни достигнувања во Италија од 17 до почетокот на 19 век. Авторките, кои се професорки на Филолошки факултет, Универзитет „Гоце Делчев“, Штип преку оваа книга нудат сеопфатен преглед на три значајни периоди од европската културна историја: барокот, просветителството и неокласицизмот. Книгата ги претставува книжевните, филозофските и научните придонеси на истакнати италијански творци и мислители, чии идеи оставиле трајна трага врз развојот на европската и светската култура. Меѓу нив се: поетската инвентивност на Џамбатиста Марино, реформата на театарот на Карло Голдони, филозофијата на историјата на Џамбатиста Вико, општествено ангажираната поезија на Џузепе Парини, моралните драми на Виторио Алфјери, научните истражувања и емпирискиот метод на Галилео Галилеј, Џордано Бруно и неговите космолошки идеи.
октомври 26, 2026


