Забава
„Фармерот Мајк“ веќе 40 години резба смешни ликови во големи тикви
Мајк Валадао, системски инженер во американска компанија за кибербезбедност, секоја есен во Калифорнија се претвора во „Фармерот Мајк“ – лик познат по своето резбање тикви.
Оваа година, „Фармерот Мајк“ ја одбележа својата 40-годишнина на Фестивалот на уметноста и тиквите во Халф Мун Беј – дводневен настан што се одржува јужно од Сан Франциско, кон средината на октомври, пред американскиот празник Ноќ на вештерките. Веќе четири десетлетија, Мајк резба смешни ликови во своите големи тикви. Облечен во својот својствен портокалов комбинезон и фармерска капа, тој има изрезбано стотици тикви, претворајќи ги во сè – од застрашувачки лица и морски пејзажи, до вештерки, змејови и икони од поп-културата, како што се Јода и Чарли Браун, а бил познат и по натпреварот во мерење џиновски тикви… Така, еднаш одгледал тиква тешка 363 кг, но поради големиот обем на работа, тој веќе не учествува во натпреварот за џиновски тикви. Иако нема формално уметничко образование, тој црпи инспирација од секојдневните глетки – од музејски експонати до обични прошетки по улицата.
Со ова свое хоби почнал кон средината на 80-тите, откако одгледал големи тикви во својот дом во Сан Хозе. Бидејќи не знаел што да прави со нив, зел нож и почнал да резба лица. Опишувајќи како доаѓа до идеи, Валадао вели: – Понекогаш гледам некого и си мислам: Ми се допаѓаат неговите заби, или ушите, или начинот на којшто му се шират ноздрите.
– Јас сум инженер по професија и на ова гледам како на градење нешто – исто како што би конструирал некој технички уред, слој по слој, објаснува тој.
На фестивалот, тој ги создава своите дела во живо, на сцената пред публиката.
Во 1986 година, организаторите на фестивалот го поканиле во Халф Мун Беј откако виделе фотографија од неговите тикви. Инаку, неговото семејство уште во 19 век ја отворило првата продавница за сточна храна и семиња во тој град. Неговата работа го однела во различни делови на Соединетите Американски Држави, вклучително и гостувањето во познатата „Вечерашна емисија (The Tonight Show)“. Тој е канет да резба тикви и во Зоолошката градина во Сан Диего, на Калифорниската академија на науките и Државниот саем во Тексас…
Во својата уметност, тој користи тикви од сортата „Атлантик џајант (Atlantic Giant)“ што тежат меѓу 45 и 454 кг. Нивната дебела кора овозможува и плитка и длабока резба, со што се создаваат изразени лични црти. Валадао вели дека не им дава имиња на своите уметнички дела, бидејќи тие траат само неколку дена, но и по 40 години минати во Халф Мун Беј, тој нема намера да го остави своето ноже за резбање настрана.
октомври 26, 2026


