Connect with us

Вести

Спомен-костурницата во Куманово – сведоштво за жртвата на борците за слободна Македонија

На ридот над Куманово, меѓу зеленилото и градскиот простор, стои Спомен-костурницата – место во кое историјата не е запишана само на мермерните плочи, туку е сместена во самиот простор. Тука почиваат посмртните останки на 433 борци загинати во Народноослободителната борба која започна на 11 октовмри 1941 година. 

Меѓу нив се и осумте народни херои од Куманово: Боро Менков, Киро Фетак, Перо Георгиевски-Чичо, Боро Петрушевски-Папучар, Бајрам Шабани, Христијан Тодоровски-Карпош, Мара Нацева и Трајко Стојковски-Бузо.

Костурницата како градска меморија

Спомен-костурницата е изградена во 1957 година и била замислена како место за паметење, но и како архитектонско сведоштво за времето низ кое поминал градот. Автори се скулпторот Сретен Стојановиќ и архитектот Апостол Толи-Зордумис, а во 1978 година објектот бил прогласен за споменик на културата.

Во нејзиниот централен дел се наоѓа скулптура на жена со високо подигнато класје, симбол на развојот на градот.

-Костурницата е еден од најзначајните  комплекси во Куманово. Таа не ја претставува само бројката од 433 борци, тука ги симболизира луѓето, семејствата и личните приказни кои денес можеме да ги реконструираме преку историските извори – вели Марија Живачки, кустос советник историчар во НУ Музеј Куманово.

Куманово го чува споменот на своите борци како дел од историската жртва вградена во темелите на слободата. Имињата на загинатите, нивната храброст и одлуката да се спротивстават на фашизмот се трајно сведоштво за времето во кое личната жртва станала дел од колективната борба за слобода. Спомен-обележјата низ градот не се само потсетници на минатото, туку симболи на историското паметење и на обврската генерациите што доаѓаат да ја зачуваат и да ја вреднуваат  слободата. Имињата на народните херои се поврзуваат со двата први кумановски партизански одреда, Козјачкиот и Карадачкиот, со нивните команданти и борци, со скривниците, селата и местата на кои се воделе борбите.

Затоа, кога кумановци ја посетуваат костурницата, се потсетуваат на генерација чии животи згаснале во НОБ.

Два партизански одреда

Пред 85 години, во октомври 1941 година, од Куманово и околината тргнале два партизански одреда со задача да го организираат вооруженото востание и да го прошират отпорот против бугарските окупаторски сили. Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред дејствувале кратко, но нивното формирање и борбите што следеле останале запишани како дел од почетоците на Народноослободителната антифашистичка војна во Македонија.

За Куманово, 11 Октомври, датумот  е дел од идентитетот на градот и сведоштво за жртвата, храброста и решителноста на луѓето кои се кренале против фашистичката окупација. Кумановскиот крај е нераскинливо поврзан со почетоците на Народноослободителната борба, со формирањето на партизанските одреди и со генерациите борци кои ја вградиле својата жртва во борбата за слобода. Генерации кумановци го чествуваат  11 Октомври со посебна гордост, се присетуваат на сопственото историско наследство, на цената на слободата и на обврската наследство да се зачува од заборав.

Во Куманово подготовките започнале уште пред октомври, а првите активности биле спроведени на 12 октомври. 

23 борци и краток, но крвав пат

Во септември 1941 година бил формиран Воен штаб, кој работел на организирање на партизански единици и подготовка за вооружено востание. На 12 октомври 1941 година, од местото Студена Вода кај селото Доброшане, тргнал Козјачкиот партизански одред. Одредот броел 23 борци. За командант бил назначен Љубомир Здравковски-Гачо, а за политички комесар Киро Нацев-Фетак. На 15 октомври одредот извршил акција кај манастирот „Прохор Пчињски“, каде што биле распоредени бугарски полициски сили. Само два дена подоцна, на 17 октомври, кај селото Малотино дошло до борба со бугарската војска и полиција. Загинале Стојан Георгиевски-Тане и Васе Гелев, а Димчо Јовчевски-Еребица бил убиен при спроведувањето на заробени партизани.

За преживеаните следеле судења. На 8 ноември 1941 година заробените борци биле изведени пред бугарски суд и осудени на смрт и на различни временски казни. Среќко Петрушевски-Пужаљка, со пресуда од мај 1942 година, бил осуден на смрт со бесење. Казната била извршена на 14 јули истата година во Скопскиот централен затвор.

Под Менкова Колиба се чувало оружјето

Речиси истовремено, од друг дел на Кумановско, тргнал Карадачкиот партизански одред. Неговото зборно место било Менкова Колиба, каде што уште во летото 1941 година била подготвена скривница за оружје, ја изработиле Евта Менкова и нејзиниот помлад син Киро. Скривницата била длабока околу два метра, покриена со царевка и земја. На тоа место подоцна се собрале борците на Карадачкиот одред. Одредот броел 15 борци. Командант бил Боро Менков, а политички комесар Перо Георгиевски-Чичо. Неговата задача била да го организира отпорот во Карадачкиот крај и да изведува диверзантски акции врз објекти што ги користела бугарската војска. На 14 октомври 1941 година, кај селото Белановце, одредот влегол во борба со бугарската војска и полиција.

Загинале седум борци, меѓу кои и командантот Менков и политичкиот комесар Георгиевски-Чичо. Останатите осуммина биле заробени и на 15 ноември изведени пред бугарски воен суд во Куманово. На 30 јануари 1942 година смртните казни им биле заменети со доживотна робија.

Значењето на одредите за денешна Македонија

По судирите, партизаните кои успеале да избегнат заробување ја продолжиле активноста надвор од Кумановско.  Во 1943 година започнала нова етапа на вооружената борба со формирањето на Кумановскиот партизански одред. Следеле, пресметки со непријателските сили, борбата со бугарската војска кај манастирот „Карпино“, судир со четничките сили во Драгоманце и борби кај Думановце. Со зголемувањето на бројот на борците и борбените активности, одредот кон крајот на 1943 година прераснал во поголема единица. На 1 декември 1943 година, во селото Пелинце, бил формиран првиот Кумановски партизански баталјон „Јордан Николов-Орце“, што претставувало чекор во јакнењето и организирањето на вооруженото народноослободително движење во Кумановско.

Во октомври 1944 година, во селото Жељувино била формирана Седумнаесеттата македонска ударна бригада, во чиј состав влегле борци од четири баталјони од Кумановско. Нивната борба придонесе за одржување на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, со кој беа поставени темелите на современа Македонија.

Од борбите до ослободувањето

Борбите за ослободување на Куманово се воделе од 1 до 11 ноември 1944 година. На 11 ноември била воспоставена новата народна власт во градот. Од периодот на Народноослободителната борба во Куманово останале бројни спомен-обележја, кои денес се дел од културното и историското наследство на градот. Меѓу нив се спомен-обележјето „Студена Вода“, подигнато во 1949 година, „Менкова Колиба“, чиј споменик бил откриен на 11 октомври 1948 година, Спомен-костурницата и Споменикот на револуцијата.

Историското наследство од овој период се чува и во Куќата-музеј на Христијан Тодоровски-Карпош, отворена во 1979 година, со постојана поставка посветена на неговиот живот и дело.

Денес кога Македонија го одбележува  осумдесет и петгодишниот јубилеј од Народното востание, од излегувањето на партизанските одреди од Куманово, треба да се истакне дека во темелите на сите досегашни остварувања, победи и успеси, во сите домени на живеењето се вградени и идеалите на двата Илиндена, на плејадата борци кои храбро се бореа за денешната слобода, почитување на човековите права и создавање на македонска држава.

Мапа на сеќавањето

Спомен-костурницата така ја продолжува приказната што започнува на Студена Вода и во Менкова Колиба. Од местата каде што во 1941 година се собирале првите борци, преку селата во кои се воделе борбите, до просторот каде што денес се чуваат посмртните останки на дел од загинатите, Куманово има своја мапа на сеќавањето.

И можеби токму затоа 11 Октомври во Куманово не е само датум од календарот. Неговата приказна има свои места, имиња и траги што можат да се видат и денес. 

Ad
Ad