Свет
Индија ги отфрли тврдењата на Илон Маск дека олигарси го блокираат „Старлинк“
Индиското Министерство за комуникации денеска ги отфрли како неосновани тврдењата на Илон Маск дека „одредени олигарси“ ги блокираат сателитските комуникациски услуги на „Старлинк“ во земјата за да го зачуваат својот монопол.
Без директно да го именува Маск, индиското министерство во соопштение наведе дека владата има воспоставено фер и недискриминаторна рамка за сите телекомуникациски услуги, вклучително и сателитските. Од министерството соопштија дека веќе се издадени телекомуникациски лиценци на три глобални компании за сателитски услуги во негеостационарна орбита и дека за сите три субјекти во моментов се спроведува иста безбедносна проценка.
– Според тоа, сугестијата дека рамката или нејзината примена е неправедна или дискриминаторна е неоснована и погрешна – наведуваат од индиското Министерство за комуникации.
Реакцијата на Њу Делхи следува откако Маск на својата платформа „Икс“ напиша дека „за жал, нè блокираат одредени олигарси со цел да ја задржат својата монополиска стега врз индискиот народ“.
– Можете да погодите кои се тие… Ова е злосторство против народот на Индија! – напиша Маск, одговарајќи на објава поврзана со работењето на „Старлинк“ во најнаселената земја во светот.
Две големи индиски телекомуникациски компании, „Барти Ертел“ и „Рилајанс Џио“, минатата година веќе потпишаа договори со „СпејсИкс“ за воведување на интернет-услугите на „Старлинк“ во Индија, која брои 958 милиони корисници на интернет и стапка на пенетрација од над 70 отсто. Исто така, индискиот премиер Нарендра Моди минатата година се сретна со Маск во Вашингтон за да разговараат за инвестиции во вселенскиот сектор и технологијата.
„Старлинк“, кој е оддел на компанијата „СпејсИкс“, брзо го проширува своето глобално присуство и обезбедува интернет-поврзување преку мрежа од сателити во ниска орбита во повеќе од 150 земји и територии.
октомври 9, 2026


