Свет
Европол: Приведени 36 членови на криминална група од Балканот
Во меѓународна полициска операција против организирана криминална група поврзана со Западен Балкан приведени се 34 лица во Словенија, и по еден човек во Шпанија и во Хрватска, објави денеска Европол.
Приведените се државјани на Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Бугарија, Турција и Холандија.
Операцијата е спроведена пред два дена, при што е извршен претрес во 42 објекти во Словенија и во Шпанија, при што се запленети 66 килограми дрога, од кои 51 килограм канабис и 15 килограми амфетамин, како и огнено оружје, накит и пари.
Според истражителите, оваа криминална мрежа била вклучена во шверц на големи количини дрога. Се претпоставува дека дрогата била транспортирана од Белгија, Холандија и Шпанија во други европски земји.
Европол наведе дека криминалната група користела шифрирани комуникациски платформи на Скај за да организира транспорт на дрога и комуникација меѓу членовите.
Истражителите се сомневаат дека членовите на групата биле поврзани и со неколку случаи на вооружени инциденти, убиства, обиди за убиства и киднапирања.
октомври 9, 2026


