Connect with us

Свет

„ЕУобсервер“: Лидерите на ЕУ со години преземаат неуспешни решенија за миграцијата

Лидерите на Европската Унија идната недела ќе присуствуваат на состанок на Европскиот совет по летната пауза, на кој повторно ќе ги разгледаат заклучоците за миграцијата и ќе ги повторат речиси збор по збор изјавите што се слушаат повеќе од една деценија, објави денеска „ЕУобсервер“ (EUobserver).

Во анализата на бриселскиот портал се наведува дека од самитот на Европскиот совет во декември 2015 година, се зборува за стратегија за ограничување на големиот прилив на мигранти, за потребата ЕУ да ја врати контролата врз надворешните граници и за загриженоста за малиот број депортации.

Во исто време, се инсистира на „конкретни мерки за обезбедување ефикасно враќање и реадмисија на оние без дозвола за престој“ во ЕУ.

На Самитот во Брисел, што ќе се одржи на 15 и 16 октомври, 12 години подоцна, ќе се бара речиси истото, вклучително и одговор на прашањето до кој степен се спроведени претходните заклучоци за миграцијата.

Иако нацрт-заклучоците за претстојниот самит најверојатно ќе бидат изменети, сегашната формулација за миграцијата повеќе или помалку ги повторува истите барања што се провлекуваат на повеќе од 50 самити од крајот на 2015 година, кога повеќе од еден милион Сиријци влегоа во Европа барајќи заштита.

„ЕУобсервер“ имаше пристап до најновиот нацрт од 5 октомври, кој е фокусиран на работата со земјите на потекло и транзит, како и на борба против трговијата со луѓе и шверцот.

Европскиот совет повикува на понатамошно интензивирање на работата на сите фронтови, вклучително и надворешната димензија, се наведува во нацрт-заклучокот.

Во анализата на бриселскиот портал во 20 заклучоци се споменуваат шверц, депортација, реадмисија, посилни надворешни граници на ЕУ и надворешната димензија. Легалната миграција се споменува во 11 заклучоци, последен пат во јуни минатата година. 

Ad
Ad