Connect with us

Свет

Фондацијата Рокфелер предлага план за оживување на растот во задолжените земји во развој

Фондацијата Рокфелер и нејзините партнери денеска претставија иницијатива чија цел е да им помогне на презадолжените земји во развој да дојдат до нови средства за финансирање за да го поттикнат економскиот раст.

Експертите за развој изјавија дека оваа нова иницијатива, наречена „Ресетирање на растот и инвестициите“ (Growth and Investment Reset), има за цел да спречи должничка криза во голем број земји со ниски и средни приходи.

Тоа треба да се постигне во координација со активностите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, официјалните билатерални доверители и приватните заемодавачи.

Иницијативата има за цел да обезбеди поволни финансиски средства за земјите оптоварени со високо ниво на долг и да спречи тие да ги користат мултилатералните заеми со ниски камати за отплата на долговите кон билатералните доверители, како што е Кина, наведе фондацијата.

„Земјите во развој се соочуваат со невидено оптоварување од камати кое ги потиснува неопходните инвестиции. Без итна акција, ситуацијата ќе се влоши“, се додава во соопштението.

„Доаѓа на наплата бранот евтини надворешни заеми земени за време на пандемијата на ковид, во момент кога трошоците за задолжување драстично пораснаа“, наведе Фондацијата.

Предлогот доаѓа во пресрет на годишните состаноци на ММФ и Светската банка, кои ќе се одржат следната недела во Банкок и на кои ќе се разгледуваат бројни предизвици со кои се соочуваат земјите во развој.

Ad
Ad