Connect with us

Свет

Синдикатите во Шпанија повикаа на генерален штрајк на 11 ноември пред вонредните избори

Шпанските синдикати денеска повикаа на одржување генерален штрајк на 11 ноември, со фокус на станбените прашања, речиси две недели пред вонредните избори за кои растот на кириите и принудните иселувања станаа клучни теми на кампањата.

Двете главни синдикални конфедерации во земјата, Општиот синдикат на работниците (UGT) и Работничките комисии (CCOO), соопштија дека се договориле за датумот, иако за тоа е уште потребно формално одобрение и од другите синдикати.

Ова е првпат во последните 14 години двете најголеми синдикални организации во Шпанија заеднички да поддржат повик за генерален штрајк.

Штрајкот ќе се приклучи на бранот протести почнати по иселувањето на една 87-годишна жена во Мадрид. По тој инцидент, активистите поставија камп на еден од главните плоштади во главниот град за да побараат решенија за станбената криза која сè повеќе се влошува.

Овие протести, со фактот дека парламентот минатата недела ги одби уредбите насочени кон сузбивање на иселувањата и ограничување на растот на кириите, го наведоа премиерот Педро Санчес да распише вонредни избори за 29 ноември.

Според податоците на Банката на Шпанија, земјата се соочува со недостиг од приближно 750.000 станбени единици, а се очекува таа бројка до 2028 година да надмине еден милион.

Поради сè поголемите тешкотии при купување недвижности, значително порасна потпирањето врз пазарот за изнајмување, што дополнително го оптоварува тој сектор.

Според податоците на Шпанскиот совет на млади, просечната месечна кирија од 1.176 евра чини речиси 98,7 отсто од просечната месечна плата на млада личност во Шпанија. 

Ad
Ad