Connect with us

Култура

Осум претстави од регионот и од Европа на јубилејниот „Скупифестивал“ од 10 до 17 октомври

Осум претстави од регионот и од Европа од 10 до 17 октомври ќе бидат изведени на сцената на Албански театар – Скопје, на  20. Меѓународен театарски фестивал „Скупифестивал“.

Најавена е внимателно избрана програма со продукции од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и од Србија, како и меѓународни копродукции во кои учествуваат Шведска, Украина, Финска, Грузија.

Јубилејниот „Скупифестивал“ на 10 октомври ќе биде отворен со премиерата на меѓународната копродукција „Unrecognized“, по текст на Давит Габунија и Јетон Незирај, во режија на Дата Тавадзе. Албанскиот татар Скопје во оваа претстава соработува со театри од Приштина, Тбилиси, Стокхолм, Малме и Гетеборг.

На 12 октомври на програмата е Шекспировиот „Хамлет“ во режија на Јонида Беќо, во продукција на театар „Метропол“ од Тирана. Наредниот ден (13 октомври) ќе учествува  театар од Полска со претставата „The Sexoholic“, чиј автор и режисер е Грегор Кемпински.

„Скупифест“ на 14 октомври ќе продолжи со претставата „Гнасотија“ од Косово, по текст и во режија на Астрит Кабаши, а на 15 октомври  – „Работите што не се кажуваат“ на театарот „Алексеј Матеевич“ од Молдавија, на авторката Марија Иванов и во режија на Ана Батевa.

 Истата вечер ќе биде изведена и „Мухамед Али“, претстава по текст и во режија на Тургај Коркмаз, на театарот „Јолџу“ од Истанбул.

Од Националниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија на 16 октомври доаѓа претставата „Богот на масакрот“, според делото на Јасмина Реза, во режија на Антон Угринoв, а фестивалот на 17 октомври ќе заврши со претставата „Тие повеќе не се тука“ по текст на Дорунтина Баша и во режија на Андреј Носов. Се работи за продукција – соработка помеѓу Hartefakt од Белград, SARTR од Сараево и My Balkans од Србија и САД.

-Од 10 до 17 октомври публиката ќе има можност да проследи осум претстави, со автори и режисери кои преку различни сценски јазици и естетики обработуваат човечки, општествени и универзални теми. На ова значајно јубилејно издание, фестивалот носи и новина во составот на жирито: Мерита Чочоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили, три професионалки од областа на уметноста и културата, ќе ги оценуваат претставите што ќе учествуваат и ќе ги изберат добитниците на трите фестивалски награди, се наведува во најавата за фестивалот. 

Главната награда ќе биде доделена за најдобра претстава, а жирито ќе додели и  специјалната награда „Луран Ахмети“, именувана по познатиот албански актер која  е и омаж за неговиот придонес во театарската и културната сцена.