Регион
Герапетритис – Рубио: Грција е извор и столб на стабилност во поширокиот регион
На важноста на стратешките односи САД – Грција, на улогата на Грција како столб на стабилноста во поширокиот регион, на енергетската и одбранбената соработка, се осврнаа шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и американскиот државен секретар Марко Рубио на заедничката прес-конференција во грчкото МНР по нивната средба, а двајцата нагласија дека билатералните односи се историски на највисоко ниво, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на билатералната средба во рамките на стратешкиот дијалог Грција – САД, американскиот државен секретар се осврна на енергетските односи, споменувајќи го и Вертикалниот коридор и неговото проширување, со што, како што рече, „Грција стана енергетски центар и тоа стабилен енергетски центар што го олеснува американскиот ЛНГ кон Европа“.
За енергетиката говореше и на прес-конференцијата и посочи дека е важна диверзификацијата на изворите на енергија, дека САД планира да гради нови интерконектори за гас и електрична енергија, со што ќе се зајакне регионалната енергетска безбедност и билатералната енергетска инфраструктура.
– Покрај безбедносната соработка, би рекол дека енергетската безбедност е неразделно поврзана со националната безбедност. Ако не верувате во тоа, само погледнете што се случува сега во светот со она што Иран се обидува да го направи – и не успева, но се обидува. Мислам дека она што го научивме, всушност, отсекогаш сме го знаеле тоа, но неодамнешните настани уште еднаш нè потсетуваат е колку е важно да имаме диверзифицирани коридори за снабдување со енергија, посочи Рубио и додаде дека никогаш не треба ниедна земја да се најде во ситуација во која снабдувањето со енергија или енергетските текови ќе бидат прекинати во еден дел од светот, бидејќи тоа го загрозува целиот свет.
Американскиот државен секретар изрази благодарност до Грција што останува голем сојузник на САД и што имаат заедничко разбирање „за заканите со кои се соочуваат нашите земји и нашите општества, како и за начините на кои треба да се справиме со нив“.
– Една од работите за кои се согласуваме, на пример, е дека европските земји треба да преземат поголем дел од товарот за одбраната на својот континент, а Грција токму тоа го прави, посочи Рубио.
Паралелно соопшти нова област на соработка со Грција преку нов меморандум за разбирање, со кој се воспоставува заедничка безбедносна програма за зајакнување на размената на информации во борбата против тероризмот меѓу надлежните органи за спроведување на законот на двете земји.
На новинарско прашање за мандатот и работата на американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл, кусо одговори дека „врши одлична работа и е силен амбасадор“, додека пак за нуклеарната програма на Иран, порача дека „Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Точка. Крај на приказната“, додавајќи дека „тоа нема да се случи сè додека претседателот Трамп е на функција“.
Шефот на грчката дипломатија на прес-конференцијата рече дека Грција има клучна улога во енергетиката и одбраната, но и е стратешки партнер на САД, а „билатерални односи, енергетиката и трговијата, енергетската соработка меѓу двете земји достигна досега невидено ниво“.
– Ја истакнавме клучната улога на Грција преку Вертикалниот коридор, кој претставува ’рбетот на транспортот на американскиот течен природен гас кон централна и источна Европа. Трговската флота во грчка сопственост транспортира повеќе од 20 проценти од ЛНГ кон светските пазари, зајакнувајќи ја енергетската стабилност, безбедност и отпорност, нагласи Герапетритис.
Се осврна на грчката надворешна политика, го спомена претстојното претседателство со Европската Унија, соработките и стратешките односни со другите земји од регионот, а ја спомена и европската перспектива на Западен Балкан.
– Од исклучително значење е да го истакнеме европскиот пат, што претставува гаранција за зачувување на мирот, а особено за спречување на повторното оживување на застарените национализми во поширокиот регион, со почитување на меѓународното право, европското законодавство, но и на обврската за добрососедски односи, посочи Герапетритис.
На новинарско прашање за евентуално учество на Грција во американски иницијативи и операции на Блискиот Исток, шефот на грчката дипломатија објасни дека веќе постои учество и соработка во мировни мисии и изрази подготвеност земјата да ја обезбеди „потребната поморска помош и во областа на Ормускиот Теснец, доколку условите го дозволат тоа и доколку постои одржлив мировен процес“.
Американскиот државен секретар Рубио доцна синоќа пристигна во Атина за шестиот стратешки дијалог Грција – САД, а планирано е двете земји да се потпишат три договори, односно да биде обновен Меморандумот за соработка за воведување увозни ограничувања за категории археолошки и етнолошки материјали, ќе биде потпишано Писмо за намери за воспоставување соработка меѓу грчките вооружени сили и Националната гарда на Флорида, како и Меморандум за разбирање за заемно признавање на сертификатите за стручна оспособеност на морнарите.
Работните сесии во рамките на стратешкиот дијалог се во тек, попладнево Рубио ќе да одржи говор на Пника со поглед на Акропол во центарот на Атина, односно на античкиот простор што е едно од најзначајните места поврзани со развојот на атинската демократија и каде што говореле познати атински државници и оратори, а посетата на Атина ќе ја заврши во вечерните часови со средба и работна вечера со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
октомври 7, 2026
