Култура
„Алиса се враќа дома“ – премиера на дипломска претстава во Драмскиот театар – Скопје
Драмскиот театар – Скопје в четврток премиерно ќе ја изведе „Алиса се враќа дома“ – дипломска претстава на Моника Ставревска, студентка по театарска режија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во класата на проф. Зоја Бузалковска. Авторка на текстот за претставата е Ивана Смилевска, студентка по компаративна книжевност, која е инспирирана од „Алиса во земјата на чудата“ и „Алиса зад огледалото“ на Луис Карол, но ја сместува приказната во современи околности. Алиса не е девојче, туку возрасна жена, која одбива да учествува во правилата по кои функционира светот, а Зајачката дупка е состојба, а не мистичен, неоткриен простор.
На прес-конференција денеска младите авторки посочија дека се работи за антибајка, која ја носи Алиса во една вознемирувачки препознатлива реалност. Претставата ја истражува леснотијата со која бунтот може да стане копија на системот против кој се кренал преку темите за моќта, индивидуалната одговорност и преживувањето во затворен микросвет.
Режисерката Ставревска рече дека на факултетот учат по методски единици и полагаат испити, а со поставувањето претстава во ДТС првпат има слободна волја, но и тешка задача, за избор на она што сака да го режира.
– Иако знаеш со која тема сакаш да се занимаваш, притисокот е поголем да го избереш вистинскиот текст. Со Ивана се познаваме од компаративна книжевност, тоа е, всушност, мојот прв факултет. Разговараме за теми што нè интересираат и имавме еден дамнешен пакт дека кога ќе правам претстава, и таа ќе учествува. Дојдовме до идејата да направиме прва адаптација на „Алиса во земјата на чудата“ и „Алиса зад огледалото“. И во процесот на адаптирање авторката сфати дека текстот нуди многу потенцијал и комуницира со денешницата и дека ќе напише текст во кој ќе ги смени околностите од Зајачката дупка во нешто што нам ни е лесно препознатливо – изјави Ставревска.
Авторката на текстот Ивана Смиревска посочи дека заедно многу работеле и експериментирале со текстот тргнувајќи од сопственото икуство.
– Не очекувајте го стандардниот текст на Луис Карол во една адаптација. Решивме да го искористиме како почетна позиција за потоа од него да создадеме еден нов свет. Жанровски решивме да биде современа антибајка тргнувајќи дека најлесно се пишува кога ќе го земеме искуството што го имаме и кога го гледаме светот во кој живееме. Така што, инспирирани бевме од нашата реалност и оттаму сметам дека можеби претставата ќе допре до повеќе млади луѓе бидејќи сите сме заедно во оваа реалност – рече Смилевска.
Според актерката Соња Стамболџиоска, која го игра насловниот лик, се работи за Алиса во други околности и претставата отвора прашања дали треба да преземеш одговорност и да се бунтуваш против наметнатите вредности или да седиш рамнодушен и одговорноста да ја бараш од другите?
– Има многу теми во претставата и секој ќе може да си го најде своето место или барем да му помогнеме да си го најде своето место во овој свет на чудата. Би сакала од оваа претстава секој да си го земе она што му треба – додаде Стамболџиоска.
Биљана Драгиќевиќ-Пројковска ќе го игра ликот на Црвената кралица или, како што рече, таа во оваа претстава е „моќната кралица, која вели дека е почетокот и крајот на кралството“.
– Кои се моќниците на денешницата и зошто светот не им припаѓа на правичните е прашање што се поставува во оваа наша приказна. Борбата на доброто и злото, како и во секоја приказна, би требало да има некаква победа, но прашањето е дали победуваме во овој наш свет и како успеваме да преживееме. Многу возбудлива игра, многу интересна екипа – рече Драгиќевиќ-Пројковска.
Директорот на Драмскиот театар – Скопје, Роберт Вељановски, на прес-конференцијата рече дека оваа претстава ќе донесе нова енергија во Драмски и оти ќе настојуваат и во иднина да поддржуваат млади автори.
– Не сакам да тврдам дека претставата е добра, но знам дека ќе донесе еден нов свет на млади луѓе што имаат тенденција да се занимаваат со театар. Ова им е првото скалило и се надевам дека и потоа ќе соработуваме. Се надевам и дека ова ќе ни стане пракса во иднина и дека ќе ја вратиме убавата навика за поддршка на младите театарски автори – додаде Вељановски.
Во актерската екипа се и: Александар Степанулески, Златко Митрески, Ања Митиќ, Лазар Христов, Филип Трајковиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ангела Пејковска, Нина Елзесер, Ирена Димеска, Томислав Давидовски и Марјан Наумов. Драматург на претставата е Александра Бошковска, сценограф Ненад Тонкин, костимограф Роза Трајчевска, автор на музиката Лука Тошев, продуцент Леа Манева.
октомври 7, 2026
