Connect with us

Регион

Министрите за одбрана на Јадранско-јонската иницијатива: Посилна соработка за побезбеден и поотпорен регион

Силата на АДРИОН лежи во способноста заедничката географија да ја претвори во заеднички капацитет за дејствување. Ова е придонесот што, од Јадранско-јонскиот регион, сакаме да продолжиме да го даваме за безбедноста на европскиот континент и на Атлантската алијанса. Нашата заедничка цел е јасна: безбеден и отпорен Јадранско-јонски регион, стабилно соседство, посилен европски придонес кон одбраната и посилна трансатлантска алијанса, пишува во заедничката изјава на министрите за одбрана на земјите од Јадранско-јонската иницијатива (АДРИОН), по вчерашниот министерски состанок во Венеција, јави дописничката на МИА од Атина.

Заедничката изјава ја потпишуваат министрите за одбрана на Италија, Албанија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Словенија и посочуваат дека конкретната иницијатива, низ годините, го зајакна дијалогот и соработката, а денес, „со оглед на длабоко изменетото безбедносно опкружување, може уште поцелосно да го изрази своето стратешко и оперативно значење“.

– Безбедноста на нашиот континент бара визија способна да ги обедини сите истомисленички европски континентални земји кои ги споделуваат и ги применуваат нашите демократски вредности, обединети во определбата да дадат конкретен придонес кон нашата заедничка безбедност. Во согласност со овие принципи, би можело да се разгледаат и ЕУ партнерства за безбедност и одбрана како начин за дополнително зајакнување на соработката со сите европски земји што не се членки на ЕУ, пишува во заедничката изјава.

Дополнително, пишуваат дека во рамките на оваа визија, ја земаат предвид и можноста за истражување на нови форми на соработка, вклучително и преку „Одбранбен штит“, замислен како континентална безбедносна и одбранбена инфраструктура: интегрирана, повеќеслојна мрежа што ги поврзува вселенските, копнените и поморските капацитети во единствена оперативна архитектура отпорна на сајбер-закани.