Регион
Вучиќ: Петти октомври беше револуција, делумно увезена и платена од странство
Носителот на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, Александар Вучиќ, изјави денеска дека 5 октомври 2000 година, кога по масовните протести беше соборен режимот на Слободан Милошевиќ, бил „револуција, делумно увезена и платена од странство“, која на почетокот донела одредено подобрување, но суштински предизвикала стратешка катастрофа за српскиот народ.
Вучиќ истакна дека на денешен ден пред 26 години, од Западот паднала пресудата за Србија за прашањата „за Косово и Метохија и за одвојувањето на Црна Гора“.
– Да ве потсетам на зборовите на поранешниот министер за надворешни работи Горан Свилановиќ, кој рече дека сите оние што влегле во Будимпешта по пари, пред да ги земат парите морале да потпишат дека ќе ја прифатат независноста на Црна Гора, која била предуслов за подоцнежниот обид за отцепување на Косово – рече Вучиќ на предизборен митинг во Баноштор кај Беочин.
Во своето обраќање на платформата „ТикТок“, на пат кон Баваниште во рамки на турнејата низ Јужнобачкиот округ, Вучиќ додаде дека многу експерименти врз српскиот народ започнале токму тогаш.
– Доволно е да се каже дека беа ослободени албанските терористи, браќата Мазреку, а заедно со нив и Албин Курти. Браќата Мазреку директно учествуваа во колењето и убивањето Срби во Клечка, жени и деца. Тие беа ослободени само затоа што тоа беше политички договор на новоформираната елита, за која не знаевме кој како ќе владее, кој ќе биде премиер, ниту кои ќе бидат министри, и така тоа ни се врати – тври Вучиќ.
На денешен ден пред 26 години, во Белград се одржаа големи демонстрации откако Слободан Милошевиќ одби да ги признае резултатите од претседателските избори од 24 септември 2000 година, на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.
Демонстрантите на 5 октомври 2000 година пристигнаа на платото пред тогашното Сојузно собрание од цела Србија во колони автомобили, автобуси и камиони долги десетици километри, а на одделни места со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата. Уште во претпладневните часови полицијата употреби солзавец за да ги спречи демонстрантите да влезат во Собранието, но безуспешно. Зградата на Сојузното собрание беше демолирана, како и зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во улицата „Таковска“.
Полицијата набрзо престана да дава отпор и во најголем дел им се придружи на граѓаните. Во вечерните часови, од балконот на Собранието на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а следниот ден, на 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.
октомври 6, 2026
