Свет
Парламентарни избори во Русија: Првпат се гласа и во анектираните украински региони
Жителите на регионите што Москва ги анектираше од Украина, првпат учествуваат на парламентарните избори во Русија, што предизвика остра осуда на официјален Киев, оценувајќи го овој потег како незаконски. Украина тврди дека локалните жители во анектираните региони се принудени да учествуваат на изборите.
Иако гласањето низ Русија започна во петок и трае до недела со цел да се зголеми излезноста, гласањето во анектираните делови на Украина и во одредени области од руската страна на границата всушност се одвива уште од крајот на минатиот месец.
Како оправдување за продолжениот период на гласање, руските официјални лица ги наведоа безбедносните причини.
Руските власти соопштија дека има повеќе од 3,5 милиони гласачи на териториите на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје – области што официјална Москва често ги нарекува „нови региони“. Русија ги анектираше во септември 2022 година, иако тие не се целосно под контрола на Москва.
Во говорот одржан во средата, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на гласањето за Државната дума – долниот дом на парламентот – во тие региони.
– Жителите на тие области ќе гласаат за Думата првпат по повторното обединување со Русија, рече Путин.
Тој напомена дека и руските војници ангажирани во борбени дејствија исто така ќе го дадат својот глас. Гласање се одвива и на Крим, полуостровот во Црното Море што Русија го анектираше во 2014 година.
– Вашиот избор и решителност уште еднаш ќе покажат дека милиони луѓе стојат зад нашите борци, дека сме обединет народ – поврзан со заеднички вредности, историско сеќавање и љубов кон татковината – и дека никој не може да нè подели или заплаши, ниту да ја поткопа нашата државност и политички систем, рече Путин.
Властите во Киев го оценија гласањето на тие територии како незаконско и ги повикаа странските влади и меѓународните организации да не ги признаат изборите.
Тридневните парламентарни избори во Русија завршуваат утре и се превидува уште една победа на партијата „Единствена Русија“ на претседателот Владимир Путин.
Првичните изборни резултати се очекуваат в понеделник.
септември 20, 2026
