Свет
Трамп им забрани пристап во Белата куќа на новинари од CNN, MS NOW и Politico
Белата куќа почна да спроведува забрана за пристап на новинари од CNN, MS NOW и Politico – потег што вчера го најави американскиот претседател Доналд Трамп поради известувањето што тој го нарекува „лажни вести“.
Новинарката на MS NOW, Акајла Гарднер, изутрината пристигнала на работа во Белата куќа, но службеник од обезбедувањето ѝ соопштил дека нејзината новинарска пропусница е деактивирана и ѝ го одбил влезот, пренесува Индекс.хр.
– Службеникот побара да ја предадам пропусницата. Рече дека таа е деактивирана, рече Гарднер за време на известувањето во живо пред Белата куќа.
Кога прашала зошто не може да влезе, тој одговорил дека одлуката е донесена на ниво „над неговите овластувања“.
На фотограф од MS NOW исто така му бил одбиен влезот, додека пропусницата на продуцентка од истата ТВ мрежа функционирала, и таа влегла во комплексот на Белата куќа, пренесуваат медиумите на кои им е забранет пристапот.
Трамп вчера на платформата „Truth Social“ објави дека „веднаш“ им забранува пристап во Белата куќа на CNN, MS NOW и Politico поради, како што тврди, нивното постојано објавување „измислици и лаги“.
„Со гордост објавувам дека, со моментален ефект, им забранувам пристап во Белата куќа на „Fake News CNN“, „MSNOW“ (кои неодамна го сменија името од MSNBC поради слаба гледаност и недостаток на кредибилитет!) и „Politico“ (кои добија незаконски и апсурдни 8 милиони долари за претплата – апсолутен рекорд – директно од Владата на САД под водство на „нечесниот“ Џо Бајден, само за да ги одржат „во живот“; за мене ова изгледа како корупција!), а причината е нивното постојано „известување“ со ЛАЖНИ ВЕСТИ! Медиумите не смеат постојано да пишуваат ЛАГИ кога известуваат за претседателот на САД, за администрацијата на Трамп или за Соединетите Американски Држави. Ова ќе следи и за други медиуми што шират лажни вести. Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, напиша на социјалната мрежа претседателот на САД.
Тој подоцна изјави дека му пречи тоа што овие медиуми објавуваат негативни прилози за него.
– Не мислам дека некому треба да му се дозволи да дојде и да пишува лажни приказни, рече Трамп.
На прашањето колку широка треба да биде забраната, тој одговори дека таа треба да се прошири „колку што е можно повеќе“.
Трамп навести дека може да ја прошири забраната и на други медиуми.
Засеганетите медиуми најавија дека ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на правата на своите новинари, кои, какшо велат, се загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.
септември 20, 2026
