Свет
Арагчи: Безбедноста на Блискиот Исток не може да се диктира надвор од регионот
Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска изјави дека „одржливата безбедност на Блискиот Исток не може да се диктира надвор од регионот“.
Зборувајќи преку видео врска на настанот „Глобален градски собир 2026“ во Индонезија, Арагчи рече дека „доколку меѓународното право се игнорира кога интересите на големите сили го бараат тоа, тогаш не може да се зборува за владеењето на правото“, пренесува Ал Џезира.
Тој додаде дека ако телата, како Обединетите нации, „не успеат да се спротивстават на агресијата и да ги повикаат на одговорност оние што го кршат меѓународното право, природно е дека ќе страда кредибилитетот и легитимитетот на тие институции“.
Арагчи нагласи дека светот сега „повеќе од кога било“ има потреба од мултилатерализам.
„Мораме да прифатиме дека секоја војна носи цена што оди далеку над бојното поле“, рече Арагчи.
Тој додаде дека даночните обврзници ја плаќаат цената на војните, но и дека обичните луѓе ја плаќаат најтешката цена со своите животи, крв, домови, иднина и безбедност.
„Веруваме дека одржливата безбедност може да се постигне преку дијалог, градење доверба, соработка и меѓусебно почитување на земјите во регионот, а не преку воено присуство на странски сили и наметнување на нивната волја“, заклучи Арагчи.
септември 20, 2026
