Општини
Коњановски: Во Битола три училишта со типски спортски сали, нова се гради во училиштето во село Бистрица
Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски изврши увид на градежните работи за изградба на типска училишна спортска сала во дворот на ОУ „Стив Наумов“ Битола, а типски спортски сали ќе добијат и ОУ „Тодор Ангелевски“ и подрачното училиште „Даме Груев“ во Долно Оризари.
Фискултурната сала во ОУ „Стив Наумов“ ќе биде на површина од 650 м2, а ќе биде наменета за спортски и рекреативни активности во мали спортови како кошарка, одбојка, гимнастика, ракомет, пинг понг и други спортови поврзани со училишното образование. Вкупната вредност на проектот е 48,2 милиони денари и се средства од вториот владин повик преку Министерството за образование и наука, а дел од нив се од буџетот на Општина Битола.
Нова спортска сала се гради и во селото Бистрица. Градежните работи се во тек, а увид во нив направи градоначалникот Коњановски кој беше информиран дека жителите на Бистрица ќе добијат објект за спортски, но и културни активности.
Според градоначалникот Коњановски, на овој начин се создаваат нови можности за младите, но и за повторно заживување на околните населени места. За овој проект се инвестираат 37,5 милиони денари, соопштија од Општина Битола.
септември 19, 2026
