Connect with us

Регион

Анкета: Речиси половина од Грците незадоволни од мерките што премиерот ги презентираше на Меѓународниот саем во Солун

Нешто помалку од половина анктетирани односно 45,6 отсто воопшто не се задоволни од мерките и планот што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти на Меѓународниот саем во Солун, додека 29,6 отсто рекле дека се „многу“ или „доста“ задоволни, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“, а на политичката сцена, владејачката Нова демократија е стабилна на првата позиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на мерките на опозициските партии, 37,7 проценти од испитаниците рекле дека „воопшто не се задоволни“ од програмата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, а 49,1 отсто „воопшто не се задоволни“ од мерките презентирани од претседателот на ЕЛАС Алексис Ципрас.

Истражувањето покажува дека поскапувањето на цените и инфлацијата е најголемиот проблем за анкетираните, а потоа следат економијата и енергетските трошоци, односно трошоците за бензин, струја и природен гас.

Владејачката Нова демократија останува прва политичка сила во Грција со рејтинг од 25,7 отсто, партијата ЕЛАС на поранешниот премиер Ципрас е на втората позиција со 13,2 проценти, а трета е ПАСОК со 10,1 отсто.

Потоа следат Грчко решение, Комунистичката партија, Курс на слобода и Надеж за демократија со рејтинг од четири до шест отсто, а место во Парламентот, според анкетата, не обезбедуваат СИРИЗА и радикално десничарските Победа и Спартанци, трите партии што сега имаат свои пратеници.

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, Мицотакис е прв со 27,9 отсто, на второто место е „никој од понудените“ со 24,9 проценти, а потоа се Ципрас и Андрулакис,

Истражувањето на „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“, што е прво по Меѓународниот саем во Солун, било спроведено од 11 до 15 септември со вклучени 1.008 лица со право на глас.