Connect with us

Регион

„Катимерини“: Пренатрупаност во грчките затвори – 4.000 затвореници повеќе од предвидениот капацитет

Во грчките затвори, што се со капацитет од 10.763 места, во моментов се наоѓаат 14.055 затвореници, што е за речиси 4.000 лица повеќе од предвидените можностите, пишува грчкиот весник „Катимерини“, посочувајќи дека бројот на затвореници за првпат ја надмина бројката од 14.000 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Особено изразена е пренатрупаноста во најголемиот грчки затвор Коридалос во западниот дел на Атина, каде што се сместени 1.825 затвореници, иако капацитетот е 1.222 лица, како и во затворот во Комотини во североисточна Грција, каде што има двојно повеќе затвореници од предвидениот капацитет (325 затвореници, со можност од само 162 места).

Слични проблеми, според весникот, има и во другите грчки затвори, а еден од надлежните ја опишал состојбата, велејќи дека „затворениците спијат на подот“.

Извори од Министерството за заштита на граѓаните, за „Катимерини“ објасниле дека меѓу затворениците има стотици странски државјани, главно притворени поради нелегален влез во земјата, меѓу кои околу 500 нелегални мигранти од Египет, а околу 1.600 затвореници веќе ги исполнуваат условите за условно ослободување.

– Властите разгледуваат и начини за намалување на пренатрупаноста. Околу 2.000 затвореници издржуваат кратки затворски казни до две години, главно за финансиски дела. Надлежните велат некои од нив би можеле да ги издржуваат казните со електронски надзор, мерка која целосно се применува од почетокот на летото, пишува „Катимерини“.

За ситуацијата во грчките затвори, но и поради инцидентите меѓу затворениците, особено по физичката пресметка меѓу затвореници во затворот во Домокос во понеделникот, според весникот, во вторникот одржал состанок министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис и генералниот секретар за антикриминална политика Аристос Перис.