Connect with us

Свет

Амнести: Иранските безбедносни сили координирале убиства, тортура и сексуално насилство во протестите во 2022.

Иранските безбедносни сили ги координирале убиствата, тортурата и сексуалното насилство врз стотици учесници во масовните протести предводени од жените во Иран во 2022 година, наведува меѓународната организација за човекови права Амнести Интернешнл, врз основа на протечени владини документи и интервјуа со сведоци.

Десетици илјади луѓе, вклучувајќи деца, излегоа на улиците низ Иран по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини, по нејзиното апсење за наводно кршење на правилата за носење хиџаб, објавува „Гардијан“.

Амнести Интернешнл наведува дека иранските власти потоа започнале брутална репресија и дека официјалните документи и протечените наредби покажуваат дека на безбедносните сили им било наредено да одговорат на протестите „цврсто и остро“, вклучувајќи наредби да дејствуваат „без милост, дури и по цена на смрт“.

Организацијата за заштита на човековите права досега истражувала и потврдила смрт на 377 демонстранти и минувачи, меѓу кои имало 56 деца.

Таа, исто така, ги документирала случаите на 16 лица кои наводно биле силувани за време на произволно притворање во врска со протестите, вклучувајќи шест жени, седум мажи и три малолетни лица.

Во извештајот се наведува дека за време на злоупотребата, припадниците на државните служби користеле разни предмети и извршиле сексуално насилство врз жени, мажи и малолетни лица.

Амнести интернешнл наведува дека наодите на организацијата се совпаѓаат со сведоштвата собрани од британските медиуми за време и по задушувањето на протестите.

Според извештајот на организацијата, неказнивоста на одговорните за репресијата во 2022 година го отворила патот за уште пожестоко задушување на антивладините протести во јануари 2026 година, за време на кои, според Амнести интернешнл, на 8 и 9 јануари загинаа илјадници демонстранти.

Генералната секретарка на Амнести интернешнл, Анжес Каламар, изјави дека истрагата укажува на „команден синџир и координација“ што ги поврзувал членовите на силите на улиците со службените лица кои, според организацијата, ги насочувале и овозможиле злосторства од големи размери.

Амнести Интернешнл идентификуваше 87 ирански функционери за кои верува дека треба да бидат испитани под сомнение за злосторства против човештвото, вклучувајќи го поранешниот врховен лидер Али Хамнеи и поранешниот началник на Генералштабот на иранските вооружени сили Мохамед Багери, кој беше убиен во воздушен напад во јуни 2025 година.