Свет
Фон дер Лајен ја осуди руската агресија во Украина и најави нова европска безбедносна стратегија
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, ја осуди агресивната војна на Русија против Украина во нејзиното обраќање за состојбата на Европската Унија пред Европскиот парламент во Стразбур, пособено нагласувајќи ги инцидентите што се случија во изминатите неколку недели.
„Не смееме да имаме илузии за тоа што се случува тука: хибридните закани со кои се соочува Европа стануваат сè помалку хибридни и сè помалку закани“, рече претседателката на ЕК.
„Кибер напади или саботажи, палежи или упади во воздушниот простор со беспилотни летала. Тие се зголемуваат со секој изминат ден. Значи, како што се зголемува нивото на закана, подготвеноста на Европа мора да се зголеми“, додаде таа.
Фон дер Лајен рече дека ќе предложи нова европска безбедносна стратегија заедно со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
„Веќе имаме многу алатки. И ја зајакнуваме нашата соработка со НАТО. Но, нашата доктрина, нашите институции и нашето донесување одлуки не беа во можност да се прилагодат на новата реалност. Нашите системи се создадени за поинаков свет. Тие се засноваат на добронамерни обиди за постигнување консензус и компромис. Но, треба да процениме дали тие сè уште се соодветни за својата намена“, рече таа.
„Мислам дека е време за наш сопствен, европски, „Член 4“ или за Протокол за итна безбедност. Кога ќе биде активиран од земја-членка, сите земји-членки ќе се здружат за да го координираат европскиот одговор, да спречат понатамошна ескалација и да ги ублажат последиците“, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК нагласи дека треба да одиме уште подалеку. Таа прецизираше дека долго време се дискутира за формат на лидери фокусиран на безбедноста на нашиот континент, во кој учествуваат партнери како Украина, Обединетото Кралство, Норвешка, Канада и други.
„Ова е уште поитно сега, со оглед на природата и обемот на ризиците што постојат. Затоа ќе ги изложиме нашите идеи за тоа Европскиот совет за безбедност да стане реалност. Итноста е јасна. А принципот е едноставен: безбедноста на Европа е неделива“, рече таа.
септември 16, 2026
