Вести
Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен
Недостигот на јавни обвинители, несоодветните просторни услови и ограничените финансиски средства се најголемите предизвици со кои се соочува Јавното обвинителство – истакна државниот јавен обвинител Ненад Савески при презентацијата на годишниот извештај за 2025 година во Советот на јавните обвинители.
– Имам впечаток дека еден обвинител работи за тројца, што влијае врз темпото на постапките, но не и врз квалитетот на обвинителските одлуки – нагласи Савески.
Тој додаде дека проблемите со човечките ресурси и финансирањето се повторуваат со години и директно влијаат врз ефикасноста на институцијата.
Савески потсети дека Законот за Јавното обвинителство подолго време е заглавен во собраниска процедура и апелира за негово брзо донесување, со почитување на препораките на Венециската комисија, особено во делот на процентот од буџетот што треба да се издвојува за Обвинителството.
Во однос на актуелните случаи, конкретно за притворот на обвинетиот Дејан Јованов во „Пулс“, Савески истакна дека одлуките за гаранции и мерки за обвинети лица секогаш ги носат надлежните јавни обвинители, а сите обвинети уживаат права во согласност со Законот за кривичната постапка.
Во врска со дилемите за финансирањето на прославата за 35-годишнината од независноста, тој рече дека Јавното обвинителство ја анализира секоја ситуација од кривично-правен аспект и доколку се утврдат основи, ќе постапи.
– Слушнав дека антикорупциската комисија има отворен предмет, но нивната постапка не е врзана со нашата. Секако, секоја ситуација, вклучително и оваа, Обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи – додаде Савески.
Во врска со новиот правилник за избор на шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Савески оцени дека со него се втемелуваат стандарди на транспарентност – процесот станува појасен, а кандидатите добиваат можност јавно да ги презентираат својата програма и идеите.
септември 16, 2026
