Вести
Иако речиси еднакво застапени во Избирачкиот список, жените помалку гласаат од мажите, особено во помалите општини
Иако мажите и жените се речиси еднакво застапени во Избирачкиот список, сепак е забележан помал одѕив на жените на локалните избори минатата година, што е особено повидливо во помалите општини – покажува анализата на статистичките податоци добиени преку евиденцијата на Државната изборна комисија, генерирани преку биометрискиот систем за идентификација.
Некои од податоците беа презентирани денеска од членката на ДИК, Дитмире Шеху, на конференцијата „Унапредување на изборното учество на жените преку податоци, придобивки и партнерства“, организирана од ДИК, ОБСЕ и ИФЕС, која најави дека по завршувањето на настанот, ќе бидат објавени детални статистички информации за сите 80 општини во државата.
На локалните избори 2025 година во Избирачкиот список биле регистрирани вкупно 916.977 мажи и 915.438 жени, а вкупниот одѕив кај жените изнесувал 48,4 проценти наспроти 51,6 процент кај мажите. Во 10-те најголеми општини е евидентиран речиси изедначен број регистрирани гласачи од двата пола, но со забележителен поголем одѕив на жените во Карпош (52,6 отсто) и Аеродром (52 отсто). Во 10-те најмали општини се забележува поголем родов јаз со доминација на машките гласачи, при што најголеми разлики има во Пласница со одѕив на мажи од 61,5 отсто наспроти 38,5 отсто жени, Сопиште 59,2 отсто мажи, 40,8 отсто жени, Арачиново 58,3 отсто мажи, 41,7 отсто жени, Маврово и Ростуше 58 отсто мажи, 42 отсто жени и Старо Нагоричане 56,9 отсто мажи, 43,1 отсто жени.
Шеху упати порака за важноста на гласачкото право нагласувајќи дека гласот не е само законска можност, туку и директна одговорност на секој граѓанин во одредувањето на иднината на државата.
– Гласот на жената не е само бројка во изборниот резултат. Таа исто така е гласот на нашето општество. Гласот на мајката, ќерката, професионалката, претприемачката, наставничката, лекарката, работничката, студентката, градската, односно урбаната жена и на тие во руралната средина, е гласот на граѓанката што има исто право и одговорност да влијае врз иднината на својата земја – нагласи Шеху.
Таа ја потенцира потребата од создавање соодветни услови за слободно одлучување на жените. Истакна дека активниот пристап до изборно учество произлегува од меѓународните конвенции, но и домашните прописи, а во изборната област оваа заложба е вградена и во стратешкиот план на ДИК за периодот 2025 – 2028 и во акцискиот план за унапредување на родовата перспектива 2026 – 2028.
– Родово разделените податоци не ни кажуваат само колку жени и мажи гласале. Тие ни помагаат да разбереме кој учествува во демократското одлучување, каде постојат разлики и каде институциите треба да дејствуваат повеќе – рече Шеху.
Конференцијата ја отвори потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, кој истакна дека денеска се отвора тема од суштинско значење за сите демократски држави. Тој посочи дека првпат се презентираат вакви статистички податоци за вистинското учество на жените во целиот изборен процес.
– Иако последните податоци од Избирачкиот список покажуваат речиси потполна демографска еднаквост, каде што разликата е само петстотини жени помалку во споредба со мажите, сепак бројките откриваат сериозен родов јаз во одѕивот по општини и региони – рече Демири.
Тој истакна дека добиените бројки претставуваат институционален патоказ за идните чекори на ДИК. За таа цел, Комисијата очекува продолжување на соработката со ОБСЕ, ИФЕС и граѓанскиот сектор за дефинирање конкретни активности на терен.
– Нашата цел е да го зајакнеме инклузивниот карактер на изборите и преку едукативна дејност да ги подготвиме сите граѓани без исклучок да може непречено да ги остварат своето избирачко право и да поттикнеме активна вклученост на граѓаните во сите фази на изборниот процес – изјави Демири.
Тој додаде дека овој настан означува почеток на поширока едукативна кампања. Во наредните месеци ДИК ќе спроведе карван насочен кон младите гласачи, лицата со попреченост и лицата сместени во установи за вонсемејна грижа.
Пред присутните се обрати и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, кој истакна дека без мерливи податоци не може делотворно да се препознаат и надминат постојните нееднаквости во општеството.
– Целта на денешната конференција не е да ги разгледаме жените исклучиво од нумеричка перспектива, туку и да ги разгледаме учеството и зајакнувањето на жените, жени што може да се натпреваруваат, да водат и да вршат суштиско учество и да имаат вистинско лидерство – рече Вал.
Тој го изнесе загрижувачкиот јаз меѓу кандидатките и лидерските позиции во локалната власт. Иако жените се застапени со 35 проценти како кандидатки за општинските совети, тие сочинуваат само 18,5 проценти од листите, а едвај 10 проценти се кандидати за градоначалници.
– За да се смени сево ова, потребно ни е партнерство и заедничко дејствување. Тоа подразбира зголемување на видливоста на жените во текот на кампањите, но и безбедност и безбедна сигурна политичка средина, соодветен одговор на мизогинистичките реторики, бидејќи ваквите практики го одвраќаат учеството на жените – рече Вал.
Шефот на ОБСЕ потсети и на досегашната долгогодишна поддршка за ДИК, вклучувајќи ја родовата ревизија и усвојувањето правила за превенција од сексуално возменирување. Тој заклучи дека новиот пристап овозможува носителите на одлуки да креираат политики што се пореспонзивни на потребите на жените.
Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, порача дека еднаквото учество на сите граѓани е клучно за кредибилитетот на институциите. Тој сподели дека во Швајцарија правото на глас за жените е воведено релативно доцна, односно во 1971 година.
– Овој напредок не се случи автоматски. Тој произлезе од долготрајно застапување и јавните дебати, но и од реформи засновани на податоци, силно граѓанско општество и целни мерки, кои влијаеја врз политичките дебати – истакна Сомер.
Амбасадорот посочи дека транспарентното известување за финансирањето на кампањите помогнало да се откријат разликите во пристапот до ресурси, што често им штети на жените. Дополнително, редовниот медиумски мониторинг одиграл значајна улога во остварувањето на родовиот паритет.
– Како и сите насоки за родова рамноправност, и Швајцарија и понатаму се соочува со предизвици. Жените остануваат помалку застапени во многу кантонски парламенти и општински совети, со 33 отсто, односно 27 отсто, што се важни влезни точки за политичките кариери – додаде Сомер.
Тој го спомена и економскиот аспект истакнувајќи дека родовиот јаз во платите во Швајцарија за 2024 година изнесувал околу 15-16 проценти. Амбасадорот заклучи дека наместо законски квоти, за одржливи промени се потребни постојана соработка и доброволни јавни политики.
Потпретседателот за програми и стратегија на ИФЕС, Кристофер Ле Мон, истакна дека зајакнувањето на демократијата бара преточување на пишаните заложби во конкретни дејства. Тој се осврна на децениското искуство на ИФЕС во над 150 земји во светот.
– Во нашата работа одново и одново гледаме дека инклузивната демократија е поотпорна демократија. Но, инклузијата значи да се креираат можности за сите членови на општеството, особено за жените, целосно да учествуваат не само како гласачи туку и како кандидати, избрани лидери и владини функционери – нагласи Ле Мон.
Тој ѝ честита на земјава за постигнатата законска квота од 40 проценти застапеност на жените во Собранието. Сепак, тој предупреди дека тој успехот претставува само почеток на процесот за целосна рамноправност.
– Имаме многу други предизвици, вклучително и поддршката на жените на лидерски позиции, каде што се носат клучни одлуки, обезбедувањето видливост на жените на политичката сцена и зголемувањето на родовата еднаквост како важно прашање за кампањите – додаде Ле Мон.
Тој повика на процена на родовата застапеност и надвор од чисто изборниот процес нагласувајќи дека ангажманот на жените во граѓанскиот сектор, медиумите и како независни експерти е еднакво суштински и за развојот на општеството.
септември 16, 2026
