Вести
Николоски: Потребни се фер услови за македонските компании и долгорочни визи за превозниците
Веќе осум месеци имаме разговор и дијалог што не вродува со сериозен плод, а тоа е состојбата со македонските превозници. Ние можеме овде да зборуваме што сакаме, но ако нема начин како добро да ја изнесеме стоката од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, бесполезно разговараме. Кога дојдов на оваа позиција, да ме прашаше некој кој е најапсурдниот проблем со кој ќе се соочам, овој немаше да биде на листата од сто во 21 век, со признати либерализации, со земја кандидат за членство во ЕУ, која ги почна преговорите, да разговараме дали македонски превозник, кога ќе се качи во камион, треба да ги брои деновите, часовите и минутите колку престојува и да брза да се врати назад, а ако не се врати, да биде прашање дали возачот ќе замине зад решетки. Мислам дека разговараме за апсурд. Затоа, ве замолувам, да помогнете да го забрзаме процесот, да разговарате со соодветните институции и власти – рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред австриските стопанственици, кои присуствуваа на бизнис-форумот во Стопанската комора.
Тој порача дека проблемот со превозниците ќе мора да се реши преку билатерален модел.
– Имајќи предвид дека превозниците во ЕУ беа препознати како професионалци, што е нивна заслуга, сега може да добиваат долгорочни визи. Затоа ние мора да работиме со што повеќе држави да постигнеме ваков договор. Тоа е единственото решение. Има неколку земји членки на шенген-зоната, кои не сакаат да има заедничко решение на сите земји членки, за жал. Визнате правила се правила што се носат со консензус на ниво на Европската Унија, во овој случај на шенген-зоната, и затоа решението е билатерално и ние на тоа работиме. Веќе имаме договори со некои држави. Ни рекоа да најдеме модел на ниво на Европската Унија, но очигледно таков модел нема, туку моделот е билатерално да правиме договори со земјите. Веќе имаме таков договор со Хрватска, веќе имаме таков договор со Словенија. Разговараме сега со уште неколку други држави и ве замолувам да разговарате со соодветните институции и власти за да постигнеме таков договор и со Австрија, да може македонските превозници да добиваат долгорочни австриски визи. Да не треба кога некоја компанија планира извоз во Австрија или кога австриска компанија планира извоз во Македонија, да седат на календар и да бројат денови – напомена Николоски.
Според него, решението е едноставно, а во суштина комплицирано.
– Мора да се направат договори со што повеќе држави. Доброто е дека во рамките на шенген-зоната нема ограничување од која држава членка ги вадите визите, така што дали се вади хрватска, швајцарска или во иднина австриска виза, тоа ја покрива целата шенген-зона. Најчесто нашите превозници патуваат во Унгарија, Австрија, Германија и тоа е едната рута, а втората рута е Хрватска, Словенија, повторно Германија. Некои одат транзит низ овие држави плус Франција до Велика Британија имајќи предвид дека Велика Британија е втор најголем трговски партнер на Македонија. Во таа насока е и денешната средба – да зборуваме и со Австрија за вакви долгорочни визи. Не би сакал да давам рок, меѓутоа мислам дека многу бргу ќе можеме да излеземе со убави вести имајќи предвид дека комуникацијата е интензивна – истакна министерот.
Австрија, потсети, е најголем инвеститор во Македонија.
– Исто така, нашите компании се обидуваат да се пробијат на австрискиот пазар. Наша работа е да се обидеме да им помогнеме на фирмите од двете страни. Нагласив две работи, кои мислам дека се вонредно значајни за што бизнисот може да лобира кај владите. Првата мислам дека треба да се најдат механизми со кои би се спречувала нелојална конкуренција, како и можност домашните компании повеќе да работат. И, втората, она што е актуелно, знаете дека почнавме да потпишуваме билатерални договори со разни држави во делот на шенген-зоната во делот на македонските превозници за многу бргу да видиме таков договор и со Австрија – посочи Николоски,
– Покрај инвестициите во патната и железничката инфраструктура, енергетиката и водоснабдувањето, од суштинско значење е да се создадат услови во кои македонските компании ќе може да се натпреваруваат под еднакви и фер правила. Не можам да разберам како е возможно средствата на даночните обврзници на ЕУ да одат во држави што не се од ЕУ. Едноставно, не можам тоа да го разберам зашто имаме сериозна нелојална конкуренција во проектите што ги работиме, особено во планот за раст. Тоа се директни средства од даночните обврзници на ЕУ, кои одат во земји што не се од ЕУ. Кредитите сами си ги плаќаме, често се прави конфузија во јавноста – кредитите се враќаат од оној што е заeмопримач, тоа го правиме сите досега, заедно со каматата. Така што кредитите ги плаќаме ние и каматите ги плаќаме ние, но зборувам за делот на грантовите. А да бидам директен, не се согласувам парите на македонските даночни обврзници, кои ги плаќаат кредитите и каматите, да одат во држави што не се од Унијата – потенцира Николоски.
Министерот се осврна и на инвестициите и уште еднаш ги повика австриските компании да реагираат кај властите.
– Инвестициите што ги работиме се добро познати и во делот на патната и во делот на железничката мрежа. Секако, тука се и енергетиката и водоснабдувањето, односно трите подрачја што ги имаме во моментот и на кои сакаме да работиме во следниот период. Но сакам да отворам една друга тема што мислам дека е од суштинско значење: колку и да се финансираат бизнисите, добро е да биде презентирано во владите што е она што треба да се промени. Ние имаме одлична комуникација со владата на Австрија и често добиваме импути што треба да се направи. Затоа ви се обраќам за две работи, кои би можеле да ги пренесете до австриската влада и кои би можеле да бидат од помош на нашите деловни односи: долгорочни визи за македонските превозници и лојална конкуренција во однос на европските фондови – истакна Николоски.
Во изјава за медиумите по обраќањето на форумот, вицепремиерот се осврна и на поддршката на домашните компании.
– Клучно е да продолжиме да ги растеме домашните компании. Македонија имаше добро наследство од поранешна Југославија, каде што имаше доста солидни домашни компании. Во меѓувреме, се случи што се случи. Јас можам да зборувам за овие две години. Овие две години ние се обидуваме да ги поддржуваме домашните компании да растат и тоа е водилка во сето она што го правиме, да добиваат што повеќе шанса и тоа се гледа. Првиот чекор што го направивме беа проектите во општините. Не случајно се тие проекти така дизајнирани, да им помогнат на компаниите да растат, зашто најчесто ги работат компании што се локални или регионални и потоа се националните проекти. Веќе ми е драго што македонска компанија успеа директно да победи на едно надпреварување во рамките на Европската банка за обнова и развој за изградба на автопат. Тоа ја отвора вратата за уште многу такви победи и тоа е она што во следниот период ќе го правиме и она што лично се залагам и го правам, сакам на тој начин да им помогнеме на домашните компании – рече Николоски.
Одговорајќи на новинарско прашање, информира дека ЈПДП е во одлична кондиција.
– ЈПДП во моментот реализира пет автопатски делници, ќе почне и шестата. Начинот на реализација на вакви големи инфраструктурни проекти е преку проектно финансирање. Ако ги видите новите проекти што ги почнуваме, одат со проектно финансирање: и Скопје – Блаце е со проектно финансирање преку Европската банка за обнова и развој или народски кажано, кредит од Европската банка за обнова и развој, и Кичево – Букојчани е на истиот начин. Она со што се соочивме во 2024 година беше дека за коридорите 8 и 10 Д не беше обезбедено проектно финансирање. Зошто тоа не било направено, може само да нагаѓаме, но тоа било политика на претходната влада. Затоа ние моравме да обезбедиме проектно финансирање преку заеми и грантови. Заемите најчесто се добиваат од комерцијални банки – ЕБОР, Европска инвестициска банка или некоја голема светска или европска банка, и ќе продолжиме тоа да го правиме во рамките на ЈПДП. Во однос на заемот летово, кој се врати за 20-ина дена, тоа во текот на годината не е чудно да се случи. Проектирате на ниво на година колку имате приход, колку имате расход, но тоа не оди идеално – некој месец е подобар, некој е полош и нормално е меѓу компаниите што се во државна сопственост да има вакви трансакции. Иако договорите беа дека ЈПДП ќе ги врати средствата до 30 октомври, ЈПДП ги врати средствата до 20 август, а се позајми некаде крајот на јули, што покажува дека претпријатието е во одлична кондиција – нагласи вицепрмиерот и министер, Александар Николоски.
септември 16, 2026
