Вести
Конференција: Уставните судови во секоја земја се меѓу две крајности – политиката, од една страна, и граѓаните, од друга
Зајакнувањето на довербата на граѓаните во уставните судови преку силата на правните аргументи, транспарентноста и отвореноста е во фокусот на меѓународната конференција што денеска се одржува во Охрид.
На конференцијата посветена на довербата во уставните судови беше посочено дека довербата не се стекнува преку ноќ, туку претставува процес во кој значајна улога имаат независноста на судовите, правните аргументи и нивната комуникација со јавноста.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека довербата на граѓаните е најголемиот капитал што го поседува или може да го поседува еден уставен суд.
– Уставните судови немаат политичка моќ, меѓутоа најголемиот капитал што го поседуваат, што може да го поседуваат, е довербата на граѓаните. Довербата на граѓаните во институциите на системот не се добива преку ноќ. Тоа е процес, меѓутоа неминовен – рече Костадиновски.
Според него, два столба се особено важни за обезбедување доверба во уставното судство – авторитетот и силата на правните аргументи во одлуките, како и транспарентноста и отвореноста.
– Транспарентноста е значајна, тоа значи дека Уставниот суд е близок до граѓаните. Отвореноста има цел да ги доближи уште повеќе одлуките на Уставниот суд до граѓаните – истакна Костадиновски.
Тој посочи дека по неговиот избор за претседател на Уставниот суд, донел одлука судијата и известителот лично да ги образложуваат донесените одлуки.
– Кога видовме дека тоа вродува со плод и дека многу новинари присуствуваат на тие брифинзи веднаш по седниците, отидовме уште еден чекор понапред, што е многу вистинска реткост во уставното судство. Седниците на Уставниот суд се прикажуваат во живо на нашата веб-страница – рече Костадиновски.
Тој нагласи дека целта на таквата отвореност е граѓаните да се уверат дека одлуките на судот се засноваат исклучиво на уставно-правни аргументи.
– Уставен суд што нема што да крие, уставен суд што е убеден во силата на своите аргументи, нема од што да се плаши. И за тоа, за да ги увериме граѓаните, не политичарите – политичарите не ни се целта да ги убедуваме – туку да ги убедиме граѓаните дека одлуките што ги носи Уставниот суд се темелат исклучиво на уставно-правни аргументи, без политички, етнички, верски или какви било афилијации. Тоа е нашата цел – истакна Костадиновски.
Во рамките на дискусиите на конференцијата беше посочена и сеопфатната уставна жалба како правен инструмент што на граѓаните им овозможува директно да ги штитат своите основни права. Таков инструмент веќе се применува во голем број земји од регионот и Европа.
Експертите оценија дека сеопфатната уставна жалба му овозможува на граѓанинот да побара заштита доколку смета дека државата ги повредила неговите основни човекови права, што може да придонесе и кон јакнење на довербата во правниот систем и владеењето на правото во државата.
Винфрид Шубер, поранешен претседател на Покраинскиот уставен суд на Саксонија-Анхалт, истакна дека уставните судови во секоја земја се наоѓаат меѓу две крајности – политиката, од една страна, и граѓаните, од друга.
За германскиот Сојузен уставен суд посочи дека успеал да ја стекне довербата на граѓаните преку доследно ставање на владеењето на правото и правната држава во преден план.
Шубер истакна дека Сојузниот уставен суд носи одлуки, кои не секогаш се пријатни за политичарите, но дека неговата улога е да дејствува како арбитер и да го има последниот збор во прашањата од својата надлежност.
Како пример го посочи случајот кога судот оспорил финансиски проект на германската Влада вреден 60 милијарди евра и го прогласил за противуставен.
– Тоа беше непријатно за политичарите, но истовремено решавачки придонесе за стекнување на довербата на граѓаните бидејќи демонстрира дека Сојузниот уставен суд не им дозволува на политичарите да прават што сакаат – истакна Шубер.
Шубер посочи дека значаен дел од претставките до германскиот Уставен суд се уставни жалби на граѓани кои сметаат дека им се повредени правата. Иако само околу 1,5 процент завршуваат со одлука во нивна полза, граѓаните и натаму го користат тој правен лек.
Во однос на довербата во судството генерално, Костадиновски рече дека таа е на историски најниско ниво и оти за тоа се потребни радикални чекори.
– Државата е систем. Систем на неколку власти, кои имаат испреплетени надлежности, имаат контролни механизми на чек и баланс. Ако една гранка од власта, да речеме судството, падне на два проценти доверба, каде што биле другите две власти, извршната и законодавната, веројатно не биле на дведецениски годишен одмор – рече тој.
Костадиновски оцени дека кога се зборува за довербата во системот, мора да се бараат причините за ниската доверба и дека за состојбата не може да се амнестираат ниту законодавната ниту извршната власт.
– Факт е дека сме на историски најниско ниво на доверба во судството, односно во целиот систем, државниот апарат, и мора радикални чекори да се преземат. Тоа е моето видување – рече претседателот на Уставниот суд.
Како еден од таквите чекори тој ги посочи отвореноста на Уставниот суд и можноста граѓаните непосредно да ги следат неговите правни расправи за предметите што се разгледуваат.
– Граѓаните може директно да ги слушаат правните расправи на Уставниот суд за кој било предмет – истакна Костадиновски.
Говорејќи за поединечните случаи кои го нарушуваат угледот на судската власт, тој нагласи дека одговорноста не смее да се генерализира, туку мора да се утврдува конкретно за секој поединец.
– Во секоја гајба со јаболка има две расипани. Ако почнеме така, веројатно ни другите гранки на системот не се имуни. Не знам дали е тоа полицијата, дали е здравството, образованието, Обвинителството, секаде може да се најде. Меѓутоа, ако зборуваме за одговорност, секогаш мора да се индивидуализира. Јас не признавам, како човек, како уставен судија, генерална одговорност. Одговорноста мора да има име и презиме – рече Костадиновски.
Тој додаде дека редовното судство треба самото да се справи со оние што го нарушуваат неговиот углед и имиџ, без нивните постапки да се користат за создавање општа слика за целата судска власт.
– Не може за еден судија што бил корумпиран да се прави генерална слика дека сите судии не чинат. Тоа не е така – порача Костадиновски.
септември 16, 2026
