Connect with us

Забава

Д-р Џон и д-р Џули Готман: Што всушност ги руши браковите?

Психологот, професор и истражувач Џон Готман е автор на концептот „Четирите јавачи на апокалипсата“, кој ги објаснува главните причини зошто една врска е осудена на пропаст. Заедно со својата сопруга д-р Џули Шварц-Готман, клинички психолог, ја основале организацијата The Gottman Institute во Сиетл, која нуди обуки за терапевти и програми за парови. Напишале повеќе книги, меѓу кои најпознати се The Seven Principles for Making Marriage Work и And Baby Makes Three. Развиле концепти, како емоционално банкарска сметка (emotional bank account) и важноста на малите секојдневни моменти на поврзување (bids for connection). Нивниот пристап се смета за еден од најнаучно засновани во областа на терапијата за парови бидејќи е изведен од долгогодишни емпириски набљудувања, а не само од теорија.

Доктор Џон Готман четириесет и пет години снимал парови додека се расправаат, ги анализирал нивните пулсови, гласовите, изразите на лицето… за денес да тврди дека може да предвиди со прилично голема точност дали еден пар ќе се разведе или не.

Неодамна д-р Џон Готман и д-р Џули Готман гостуваа кај Стивен Бартлет, во неговиот поткаст The Diary Of A CEO, каде што ги објаснуваа четирите однесувања („Четирите јавачи на апокалипсата“), кои кога ќе се појават редовно во еден однос, го најавуваат неговиот крај. Тој вели дека не се клучниот фактор самите кавги, лутења и викања. За него, проблемот не е самиот конфликт, туку формата во која доаѓа.

„Не се работи за тоа дали паровите се расправаат или не”, потенцира докторот. Постојат парови што тој ги нарекува многу страсни, многу гласни, можеби дури и си викаат едни на други за време на кавга, а сепак остануваат заедно и се среќни. „Разликата не е во јачината на емоцијата, туку во она што излегува од устата додека трае таа емоција“.

Пред да го создаде концептот на „четирите јавачите“, Готман и неговиот колега Боб Левенсон сакале да го измерат соодносот меѓу позитивните и негативните моменти додека парот се расправа за нешто. Ги броеле секундите во кои партнерите покажуваат наклонетост, хумор, слушање еден на друг наспроти секунди кога се лути, разочарани, критични…

Кај паровите што функционирале добро, тој сооднос бил пет спрема еден или повисок. Кај оние што тој ги нарекол „парови катастрофи“ просекот бил 0,8 спрема еден. Значи, повеќе негативност отколку позитивност, дури и во обична расправија. Готман набргу открил дека не сите негативни моменти еднакво штетни. Некои се разорни, а некои се просто дел од нормален разговор со несогласувања.

Зборувајќи во поткастот, тој објаснува дека првиот јавач е критиката, која не се однесува на приговор кон конкретен проблем, туку на напад врз личноста на партнерот. Готман го опишува како реченица што почнува со: „Знаеш, колку што можам да видам, јас сум прилично во ред, но ти си дефектен, еве што не е во ред со тебе“. Луѓето што така зборуваат обично веруваат дека даваат конструктивна критика и очекуваат партнерот благодарно да одговори. Наместо тоа, добиваат одбрана, т.е. вториот јавач. „Партнерот контра напаѓа или се повлекува во улогата на невина жртва“, вели тој.

Третиот јавач е презирот и токму него Готман го издвојува како најопасен од сите. Според неговите зборови, тоа е „најдобриот предвидувач за раскинување на врската од сите“. Презирот е критика изговорена од позиција на супериорност: „Јас сум подобар од тебе“. Готман го дава примерот со поправање на туѓата граматика, дури и насред кавга, или изјавите од типот: „јас сум поуреден“, „јас сум поинформиран“. Неговата сопруга Џули додава дека „презирот вклучува и сарказам, исмејување, навреди… Работи што можеби изгледаат безопасно, дури можеби и забавно на моменти, но преминуваат во повредување“.

Четвртиот јавач е „вѕидувањето/опструкција“ (stonewalling), односно психолошко затворање, повлекување и игнорирање на партнерот. Докторот го споменува податокот дека во 85 отсто од случаите тоа го прават мажите: „Партнерот, едноставно, се исклучува. Не климнува, не менува израз на лицето, не испушта никаков звук што покажува дека слуша. Едноставно, гледа настрана“.

Меѓутоа, Готман не гледа на ова само како на статистика, туку се обидува да го објасни и биолошки. Тврди дека мажите физиолошки многу побргу се возбудуваат, а кога еднаш ќе се возбудат, им треба многу подолго време да се смират. Разликата, вели тој, лежи делумно во хормоните. „Поголемиот дел од она што маж го чувствува кога е физиолошки возбуден е гнев и агресија, не паника или тага“.

„Кога ќе го погледнеш дијалогот што луѓето го имаат во своите глави кога ‘ѕидаат’, вели Готман, обично е нешто како: ‘Само замолчи и не кажувај ништо’, секогаш ја влошуваш работата кога кажуваш нешто, затоа биди тивок и издржи го ова“. Тој тоа го нарекува „машки одговор“. Не затоа што е добар, туку затоа што е автоматски.

Готман тврди дека жените со текот на еволуцијата ја имале улогата на негување и доење за што окситоцинот е клучен, а тој има смирувачки ефект. Мажите, пак, биле заштитници, телата им биле создадени да останат будни и подготвени за напад, физички или не. Дали ова е целосно објаснување или само дел од сликата останува отворено прашање. И самиот Готман признава дека не е сигурен дали вѕидувањето/ѕидањето/опструкцијата доаѓа од физиологијата или од тоа што мажите, едноставно, не се научени добро да ги изразуваат емоциите.

Докторите Џон и Џули зборуваат и за еден поширок феномен кој стои зад многу од овие однесувања што ги нарекуваат поплавување (flooding). Тоа е состојба кога телото навлегува во режим „бори се или бегај“, лачи кортизол и адреналин: „И во таа состојба човек буквално не може добро да функционира како соговорник. Слухот е нарушен, периферниот вид се стеснува, а мозокот се фокусира исклучиво на она што е потребно за преживување во моментот, не на решавањето на проблемот“, велат тие.

Кога сте поплавени, вели Готман, не сте способни да примате нови информации, ниту да слушате внимателно. Се потпирате на стари, автоматски реакции, агресија или бегство. Затоа советот „никогаш не легнувај лут“ го смета за погрешен. „Ако е доцна навечер, треба да си легнеш“, вели тој. „Оди да спиеш лут! Свети Павле беше оној што го почна тоа, а тој не беше оженет. Ако останете будни и се обидувате да го решите проблемот додека сте физиолошки поплавени, само ќе го влошите разговорот“.

Наместо тоа, познатиот психолог предлага конкретна техника: „ако забележите дека сте преплавени, со испотени дланки, забрзан пулс… кажете ‘ми треба пауза’. Кажете дека подоцна ќе се вратите на разговорот и потоа реално одморете се. Прочитајте нешто, прошетајте, одговорете на е-пошта… Но, не размислувајте за самата кавга и не планирајте го одговорот затоа што токму тоа ќе ве држи поплавени подолго. Паузата треба да трае помеѓу 30 минути и максимум 24 часа“.

Кон крајот на разговорот Готман признава дека постои доследен наод во неговите истражувања. Дека жените, генерално, се понезадоволни во бракот отколку мажите. Мажите често, едноставно, мислат дека сè е во ред.

Тука тој раскажува нешто лично: „Јас го имав овој разговор со поранешна партнерка, каде што реков и не требаше да го кажам тоа, но ќе бидам искрен, ѝ реков во нашата врска: ‘Мислам дека ако никогаш не иницира прашање, мислам дека никогаш нема да има проблем’“. Тој самиот признава дека можеби се лажел себеси, дека тишината не значи дека сè е навистина добро, туку само дека никој не го изнел проблемот на површина.

И додава нешто што излегува малку надвор од темата за брак, но е битен факт: „веројатноста една жена да доживее физички или сексуален напад во текот на животот е околу 40 проценти наспроти девет проценти кај мажите во САД. Мислам дека е потешко да се биде жена отколку маж“, потенцира д-р Џон Готман.