Connect with us

Култура

Објавен конкурсот за финансирање превод и објавување дела од македонски автори на странски јазици

Министерството за култура и туризам објави конкурс за финансирање превод и објавување дела од автори од Република Северна Македонија на странски јазици за 2026/2027 година. 

Конкурсот содржи јасно дефиниран буџет, јасно утврдени услови, мерила и критериуми, кои ќе обезбедат потранспарентен модел на поддршка, рамноправност и одговорно управување со буџетските средства. 

Целта на конкурсот е да се поттикне меѓународната афирмација на македонската книжевност, да се зголеми достапноста на домашните автори за странската читателска публика и да се унапреди културната соработка со меѓународни издавачи.

Право на учество имаат исклучиво странски издавачи, чија дејност опфаќа издавање книги. Со конкурсот ќе се поддржуваат преводи и објавување уметничка проза, поезија, драма, есеи, литература за деца, како и антологии и други книжевни избори наменети за поширок круг читатели.

Министерството ќе учествува во финансирањето на трошоците за превод на избраните дела, со највисок износ на поддршка до 300.000 денари од проект, а трошоците за печатење, промоција и дистрибуција не се предмет на финансирање.

Конкурсот е отворен во текот на целата година, а стручната комисија ќе ги разгледува пристигнатите пријави во два рока: во октомври 2026 година и во март 2027 година.

Пријавите и придружната документација се поднесуваат во ПДФ-формат на електронската адреса: translation@kultura.gov.mk.

Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, воспоставен во 2013 година, претставува значаен инструмент за меѓународна промоција на македонската литература и афирмација на домашните автори во странство. 

Министерството за култура и туризам соопшти дека останува посветено на поддршката на македонската книжевност и на нејзината меѓународна афирмација, на начин што ќе обезбеди законитост, отчетност и вистинска поддршка за дела и проекти што имаат реална културна вредност и значење за промоција на македонската литература во странство. 

Повеќе информации и конкурсната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.