Connect with us

Општини

Многубројна публика и дегустација на македонски специјалитети на четвртото издание на „Вкуси го југот”

Локалните традиционални специјалитети кои се подготвуваат на крајот на летото или во есенскиот период како и македонското вино и ракија беа во фокусот и на овогодинешното издание на тридневниот фестивал „Taste the south – Вкуси го југот”, што се одржа изминатиот викенд со подршка на Општина Гевгелија.

Како што информираат организаторите на фестивалот, на просторот на „Мега шопинг парк” во Гевгелија посетителите од различни генерации имаа можност да ја проследат подготовката на ајвар, да дегустираат специјалитети од смокви, како и да ја видат традиционалната подготовка на ракија.

Богатата музичка програма, според организаторите, е причината за спој на повеќе генерации на истиот простор, каде можеа да се проследат различни музички стилови за различни возрасни категории на публика. Фестивалот се отвори со настапот на ЗГУД „Негорци” од Негоцри, по што следуваа ЗГУД “Браќа Толеви” од Прдејци, Филип Стојанов, „Пауза за ракија”, „Куку Леле” и „Брас Брадарс”.

Саботната програма ја отвори КУД „Танец” од Миравци, а потоа настапија „Леге Артис”, Кико Болеро и „Болеро бенд”, „Нокаут” и Игор Џамбазов во придружба на Гуру Харе. Неделната програма започна со школата за гитара и школата за тапани при Пионерскиот дом во Гевгелија, а по нив публиката ги проследи настапите на ансамблот “Бојмија”, танцовото студио “Мистик”, детските изведувачи од музичкиот фестивал “Калинка”, Наталија Данаилова и “Два бона”.

Вкуси го југот 2026

Четвртото издание го заокружи концертот на Каролина Гочева, додека водители на тридневната програма беа Дејан Малзарков познат како „Диверзија“ и Марко од емисијата „Дај побрзај“.
Според организаторите на фестивалот, и оваа година во фестивалската понуда учествуваа локални производители и македонски винарии.