Connect with us

Општини

Израелска делегација во посета на Охрид, средба со градоначалникот Пецаков

Делегација од Министерството за регионална соработка на Израел, која е во неколкудневна официјална посета на земјава, денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Како што информираат од Општина Охрид, на средбата биле разменети мислења за зајакнување на соработката меѓу институциите, универзитетите и бизнис-секторот, со посебен фокус на иновациите, претприемништвото и технолошкиот развој.

Градоначалникот Пецаков ги информирал гостите за работењето на ХАБ-центарот и младинскиот центар, сместени во просториите на некогашната касарна во Охрид. Како што било посочено, ХАБ-центарот го поттикнува локалниот економски развој преку бесплатно користење простор за младите, менторски програми и поддршка при изработка на бизнис-планови и развивање дигитални вештини.

Општина Охрид, како што се наведува, делува како мост меѓу ХАБ-центарот, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, локалниот бизнис-сектор и граѓанските организации.

На средбата било истакнато дека во иднина се планира и отворање младински културен центар во просториите на касарната.

Израелските гости ги презентирале активностите на ИНОВА и израелските искуства во областа на иновациите, се наведува во соопштението.

Делегацијата од Израел во следните денови ќе оствари средби и со градоначалници од други градови во земјава, а посетата се реализира во соработка со Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.