Connect with us

Регион

Српскиот премиер отпатува со автомобил во Бања Лука по забраната за прелет над БиХ

Српскиот премиер Ѓуро Мацут добил забрана од властите во Сараево за прелет над Босна и Херцеговина за да присуствува на вечерашното одбележување на Денот на српското единство, слобода и националното знаме во Бања Лука, но изјави дека до главниот град на Република Српска ќе патува со автомобил.

– Ако не можам да одам со авион, ќе одам со автомобил. Важно ми е да бидам со нашиот народ и заедно достоинствено и во мир да го одбележиме Денот на српското единство, слобода и националното знаме, изјави Мацут.

Тој оцени дека е несоодветно во Европа во 21 век да се користат административни мерки за да му се оневозможи на некого да присуствува на празник кој „не загрозува никого и не е насочен против никого“.

Според него, Србија нема да одговори со зголемување на тензиите, туку ќе продолжи да подава рака за соработка и да ги почитува добрососедските односи.

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, остро реагираше на одлуката, оценувајќи ја како „поминување на сите граници“. Во објава на социјалната мрежа Икс тој ги обвини бошњачките политичари дека стојат зад забраната и оцени дека одлуката е противуставна и го нарушува принципот на конститутивност на трите народи во Босна и Херцеговина.

Додик изјави дека и покрај „хистеријата од Сараево“, одбележувањето во Бања Лука ќе се одржи и дека на него ќе присуствуваат претставници на српската влада.

Мацут денеска треба да се сретне со премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, а на разговорите се очекува да учествуваат и членови на двете влади, објави српскиот портал „Телеграф“. Според планот, српскиот премиер треба да одржи и говор на официјалната церемонија по повод празникот.

Денот на српското единство, слобода и националното знаме се одбележува на 15 септември, а во 2020 година е воспоставен од владите на Србија и Република Српска, потсетува српската телевизија РТС.

Датумот е избран во спомен на пробивот на Солунскиот фронт на 15 септември 1918 година, со што започнала офанзивата на сојузничките и српските сили кон ослободување на Србија и бил даден придонес кон завршувањето на Првата светска војна.

Според Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, земјата е поделена на два полуавтономни ентитета – Република Српска, населена главно со босански Срби, и Федерацијата Босна и Херцеговина, во која живеат Бошњаци и босански Хрвати.

Секој од ентитетите има своја влада, парламент и полиција, но двата се поврзани преку заеднички институции на државно ниво. Претседателската функција е поделена меѓу тројца членови, претставници на секој од трите конститутивни народи.