Connect with us

Општини

Андоновски на Советот за развој на Источниот Плански Регион: Претставени три проекти за дигиталната трансформација на општините

Во Делчево денеска се одржа петтата седница на Советот за развој на Источниот Плански Регион, на која присуствуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, градоначалниците на 11-те општини од регионот и директорот на Центарот за развој на Источниот Плански Регион, Трајче Здравков.

На седницата се разговараше за повеќе теми поврзани со развојот на регионот, со посебен акцент на дигиталната трансформација на локалните самоуправи, унапредувањето на услугите за граѓаните, зелената агенда, развојот на туристичката инфраструктура и регионалното справување со проблемот со кучињата скитници.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ги информира присутните за актуелните активности на Министерството, при што ги претстави и трите проекти, кои, како што посочи, се од особено значење за дигиталната трансформација на општините.


Два од проектите се поврзани со платформата за интероперабилност, на која веќе се приклучени некои од општините. Едниот се однесува на електронско собирање даноци, проект кој во наредниот период се планира да го реализира Министерството за локална самоуправа. За неговата реализација општините треба да бидат приклучени на платформата за интероперабилност.

Вториот проект се реализира во соработка со УНДП, со поддршка од владите на Швајцарија и Шведска, а е насочен кон развој на електронски услуги за општините.

– Во овој проект во првата фаза е вклучено Берово, а во втората фаза Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и Виница. Платформата е целосно финансирана од Министерството, а некои од услугите се однесуваат на даноци, аплицирање за одредени социјални услуги, правен статус на објекти, субвенции и други услуги – истакна Андоновски.

Тој информира и за проектот за воспоставување електронска архива за кој досега барање поднеле 10-ина општини. Со реализацијата на проектот, како што посочи, ќе се намали потребата од работење со хартиена документација, а до крајот на годината се очекува на платформата да бидат приклучени 90 државни институции, вклучително и општините.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој беше домаќин на седницата, истакна дека дигиталните услуги и современите технологии треба да придонесат за поголема ефикасност на локалните самоуправи и подобри услуги за граѓаните.

– Дигиталните услуги, современите технологии, подобрата поврзаност и пристапот до информации не се само прашање на технологија. Тие се прашање на поквалитетни услуги, поголема ефикасност и подобар живот за граѓаните. Од Делчево денеска испраќаме порака дека развојот нема граници меѓу општините. Кога работиме заедно и ги споделуваме знаењето, искуствата и ресурсите, создаваме посилни општини и посилен регион – нагласи Гоцевски.

На седницата Гоцевски ја пренесе и иницијативата на младинските совети од Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица за воспоставување регионален кариерен центар за млади на ниво на Источниот плански регион. Иницијативата ќе биде ставена на дневен ред на наредната седница на Советот.

Во работниот дел од седницата беше донесена Одлука за усвојување на патоказот за зелена агенда за Источниот Плански Регион 2025 – 2030 година, изработен од Центарот за климатски промени. Беше донесена и одлука за одобрување на експертскиот и координативниот тим формиран од Центарот за развој на Источниот Плански Регион.

Членовите на Советот ја разгледаа и информацијата за реализација на проектот „Ревизија, ажурирање и дополнување на постојната физибилити-студија за ски-центар Царев Врв со идеен проект“.

Една од темите за кои се дискутира беше и проектот „Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници и ветеринарно здравство во Источниот Плански Регион“, со кој се предвидува воспоставување координиран регионален пристап кон проблемот со бездомните кучиња и унапредување на ветеринарно-здравствената заштита.

Со одржувањето на седницата во Делчево, претставниците на општините од Источниот плански Регион продолжија со координирање на активностите и проектите од заеднички интерес за развојот на регионот.