Connect with us

Свет

Крајната десница и крајната левица зајакнуваат пред претседателските избори во Франција во 2027 година

Француската политичарка од крајната десница Марин Ле Пен го задржа водството пред претседателските избори, додека нејзиниот ривал од крајната левица Жан-Лик Меланшон во повеќето испитани сценарија беше втор, покажа анкета објавена денеска.

Француските медиуми коментираат дека резултатите ја нагласуваат сè поголемата поларизација на гласачкото тело пред завршувањето на ерата на Емануел Макрон.

Ле Пен во првиот круг од изборите би освоила меѓу 33 и 36 проценти од гласовите, според анкетата која агенцијата Толуна Харис Интерактив ја спроведе од 8 до 10 септември.

Меланшон, кандидат на партијата од крајната левица Непокорена Франција (ЛФИ), според анкетата би влегол во вториот круг во најмалку три од петте испитани сценарија. Ле Пен во вториот круг убедливо би го победила.

Поранешниот премиер на Макрон, Едуар Филип, е единствениот кандидат од десниот центар кој во едно од испитаните сценарија е пред Меланшон, а во друго е изедначен со него. Останатите кандидати од десниот центар во сите сценарија би завршиле зад Меланшон.

Како што вториот и последен мандат на Макрон се ближи кон крајот, претседателот зад себе остава ослабен политички центар и слаба економија, со што се отвора простор за тврдите леви и десни партии како ЛФИ и Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен.

Меланшон веќе трипати се кандидираше за претседател, во 2012, 2017 и 2022 година, но никогаш не успеа да влезе во втор круг.

Ле Пен исто така се кандидираше сите три пати. Во вториот круг влезе во 2017 и 2022 година, но двата пати изгуби од Макрон.

Француските претседателски избори ќе се одржат во април и мај 2027 година.