Connect with us

Свет

„Смитсонијан“ со изложба на ретки артефакти одбележува 25 години од нападите на 11 септември

Националниот музеј на американската историја при Институтот „Смитсонијан“ ја одбележува 25-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година со специјална изложба на десетици ретко прикажувани предмети поврзани со личните приказни на луѓето погодени од трагедијата.

Изложбата, која трае до сабота, се разликува од вообичаениот начин на кој „Смитсонијан“ ја претставува својата колекција поврзана со 11 септември. Експонатите се поставени директно на маси, наместо зад стаклени витрини, што им овозможува на посетителите да им се доближат.

Смитсонијан

– Некои од артефактите се толку кревки што веројатно повеќе нема да бидат изложени во иднина – изјави директорката на музејот, Антеа Хартиг.

Меѓу изложените експонати се безбедносни појаси и копче за повикување стјуардеса од летот 93 на „Јунајтед ерлајнс“, женска чанта со клучеви и паричник пронајдени на местото на Светскиот трговски центар, како и телефонот што се наоѓал на бирото на тогашниот генерален правобранител на САД, Тед Олсон, кога неговата сопруга Барбара му се јавила од киднапираниот авион.

Смитсонијан

Меѓу понеобичните предмети се и пејџер на вработен од 97. кат на Јужната кула, како и автомат за бонбони од Пентагон во кој чоколадото се стопило за време на нападот.

– Ова навистина веќе е дел од историјата, а не од нашето живо сеќавање, рече Хартиг, нагласувајќи ја потребата да се зачува сеќавањето на настаните за генерациите кои не биле нивни современици.