Connect with us

Свет

Посетата на Трамп вклучува „една од најголемите“ полициски операции во Ирска

Посетата на претседателот на САД, Доналд Трамп, на Ирска ќе вклучи „една од најголемите безбедносни и полициски операции“ што некогаш ги спровела полицијата на таа земја.

Трамп ќе престојува во Ирска на 12 и 13 септември и ќе има состаноги во главниот град Даблин, како и во неговиот голф-ресорт во Дунбег, во округот Клер, кој ќе биде домаќин на ирскиот турнир Отворено првенство (Irish Open).

Ирската полициска служба, Ан Гарда Сиохана (An Garda Síochána), соопшти дека е вклучена во „интензивно, длабочинско и опсежно планирање“ во пресрет на посетата.

Таа прогласи „вонреден настан“ кој овозможува промена на распоредите за дежурства и договорите за прекувремена работа, прераспределба на персоналот, како и соработка со одбранбените сили на Ирска и со други меѓународни полициски сили.

„Полициската и безбедносната операција за посетата на 47-от претседател на Соединетите Американски Држави ќе биде една од најголемите полициски и безбедносни операции спроведени од страна на Ан Гарда Сиохана“, соопшти службата.

„Во текот на полициската и безбедносната операција, припадниците на Ан Гарда Сиохана ќе извршат над 10.000 12-часовни смени од петок до недела“, се додава.

Операцијата ги вклучува Командата за специјални тактики и операции, службениците за блиска заштита, вооружените и разузнавачките единици, како и полицијата за јавен ред.

Подготовките се при крај, а Трамп на аеродромот во Даблин во сабота ќе биде пречекан од заменик-премиерот на земјата, Сајмон Харис.

Потоа се очекува тој да се сретне со претседателката Катрин Коноли, долгогодишна критичарка на американскиот претседател, во нејзината официјална резиденција Арас ан Уахтаран во паркот Феникс во Даблин, пред средбата со премиерот Михол Мартин на имотот Фармлеј.