Connect with us

Свет

Дваесет и пет години од најголемиот терористички напад врз САД

Светот по 11 септември 2001 година повеќе не е ист, терористичките напади врз САД предизвикаа безбедносни, стратешки и политички промени.

По нападот САД ја сменија воената стратегија, напуштајќи го концептот на одвраќање кон право на превентивни воени напади врз држави кои кријат или поддржуваат терористички групи. Применувајќи ја Доктрина на превентивна војна (Доктрина на Буш), САД во 2001 година а почнуваат Глобалната војна против тероризмот и го напаѓаат Авганистан, а две години подоцна Ирак.

Првпат во историјата на НАТО е активиран членот 5 од Северноатлантскиот договор за заедничка одбрана, а Алијансата дејствуваше вон евроатлантскиот регион. Со тоа е променета и стратегијата и мисијата на НАТО од класична одбрана на границите во Европа кон борба против глобалниот тероризам.

Откако САД потврдија дека зад нападите стои Ал Каеда со база во Авганистан, Членот 5 стана целосно оперативен на 4 октомври 2001 година, со што се овозможи директно учество на сојузниците во воените и безбедносните операции.

Авионите како смртоносно оружје

Деветнаесет припадници на исламистичката екстремистичка група Ал Каеда киднапираа четири комерцијални патнички авиони и извршија координирани самоубиствени напади. Тоа е најголемиот терористички напад врз САД при што загинаа 2.996 луѓе меѓу кои и 19-те киднапери на четирите авиони. Меѓу жртвите имаше и странски државјани од над 90 земји.

Два од авионите удрија во Кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк. Двете кули за два часа се урнаа уништувајќи голем дел од долниот Менхетен. Трет авион го погоди Пентагон во Арлингтон, Вирџинија. Додека патниците и екипажот на четвртиот авион им се спротивставија на терористите и киднаперите го урнаа авионот на поле во близина на Шанксвил, Пенсилванија.

Киднапираниот авион Боинг 767-200ЕР на „Американ ерлајнс“ утрото на 11 септември во осум часот и 46 минути по локално време удри во Северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк. Ударот предизвика пожар од 93-тиот и 99-тиот кат на 110-катниот облакодер.

Запалената Северна кула предизвика шок и паника и додека се претпоставуваа причините за пожарот, а луѓето се евакуираа од зградата, уследи напад врз Јужната кула.

Само 17 минути по нападот врз Северна кула, авион Боинг 767-200 на „Јунајтед ерлајнс“ удри во другата кула близначка. Нападот предизвика пожар во Јужната кула помеѓу 77-миот и 85-тиот кат.

По нападот врз втората кула веќе немаше дилеми дека ударот на авионот е несреќа. САД беа нападнати.

Но, за помалку од еден час од првиот напад, авион Боингот 757-200 на „Американ ерлајнс“ кружеше над Вашингтон, пред да се удри во западната страна на воениот штаб на Пентагон во девет часот и 37 минути. Ударот предизвика огромен пожар при што се урна дел од Пентагон, каде е седиште на Министерството за одбрана на САД.

По трите напади, терористите планираа уште еден напад во Вашингтон, а како можни цел се наведуваат Капитол или Белата куќа. Авионот Боинг 757-200 на „Јунајтед ерлајнс“ беше киднапиран 45 минути по полетувањето до меѓународниот аеродром Њуарк во Њу Џерси. Група патници и членови на екипажот им се спротивставуваат на киднаперите поради што авионот се урнал во поле во близина на Шенксвил во западна Пенсилванија во 10 часот и три минути.

САД му објавија војна на тероризмот

Само неколку часа од нападите САД соопштија дека нападите се дело на исламистичката организација Ал Каеда. Терористичката група е формирана помеѓу 1988 и 1989 година, за време на советско-авганистанската војна, од Осама бин Ладен, Ајман ал-Завахири и нивни соработници. Ал Каеда е позната по самоубиствените, но и координирани напади врз повеќе цели. Нејзината цел е целосно отфрлање на сите странски влијанија во муслиманските земји и создавање на нов исламски калифат ширум светот.

За време на нападите тогашниот американски претседателот Џорџ В. Буш беше во Флорида, но вечерта, 12 часа по првиот напад, му се обрати на нацијата од Белата куќа и му објави војна на тероризмот.

– Терористичките напади можат да ги потресат темелите на нашите најголеми згради, но не можат да ги допрат темелите на Америка. Овие акти го кршат челикот, но не можат да го нарушат челикот на американската решителност. Ние нема да правиме разлика помеѓу терористите кои ги извршија овие акти и оние кои ги кријат, наведе Буш.

Лидерот на Ал Каеда, саудискиот милијардер Осама бин Ладен за време на нападите беше во Авганистан. САД побараа екстрадиција на бин Ладен, но талибанците одбија.

На 7 октомври стартуваше меѓународната операција „Трајна слобода“, предводена од САД за соборување на талибанскиот режим во Авганистан, уништување на Ал Каеда, суспендирање на терористичката закана и поддршка на демократијата. Но, бин Ладен речиси 10 години ја избегнуваше правдата, а американските војници по 20 години го напуштија Авганистан, завршувајќи ја најдолгата војна во историјата на САД, а талибанците се вратија на власт.

Американските сили на 2 мај 2011 година го пронајдоа и убија бин Ладен во Аботабад, Пакистан.

Сè уште нема пресуда за „главниот архитект на нападите од 11 септември“

Во заедничка операција на пакистанските власти и американската Централно разузнавачка агенција (ЦИА) на 1 март 2003 година во Равалпинди, Пакистан, уапсен е Халид Шеик Мохамед. Тој во извештајот Националната комисија за терористички напади врз САД, објавен на 22 јули 2004 година е посочен како „главен архитект на нападите од 11 септември“.

Мохамед е задржан во тајните притворни центри на ЦИА, каде што бил подложен на засилени техники на испрашување, а во 2006 година префрлен е во американскиот притворен центар во заливот Гвантанамо, Куба. Судскиот процес против Мохамед требаше да почне во јануари 2021 година, но постапката беше одложена делумно и поради пандемијата Ковид-19. Во август годинава воен судија закажа нов датум на судење за Мохамед и други тројца обвинети на 5 јуни 2028 година.

Ал Каеда по елиминацијата на нејзините основачи бин Ладен и Ајман ал-Завахири, кој беше убиен во американски напад со дрон во Кабул во јули 2022 година, не е моќна како на почетокот од 21 век, но сè уште има свои ограноци на Блиски Исток и во Африка.

За помагање на терористичките напади во САД досега е осуден само Закаријас Мусави. Тој беше уапсен на 16 август 2001 година) за прекршување на имиграциските закони на САД, откако инструктори во школа за летање се сомневале во неговите мотиви за обука за управување со патнички авиони Боинг 747. Мусави во 2005 година се изјасни за виновен, а следната година беше осуден на доживотен затвор без можност за помилување. Тој ја отслужува казната во Колорадо, САД.

Безбедносни и политички промени

Нападите на 11 септември предизвикаа и безбедносни импликации во САД и во светот. САД го формираа Министерството за татковинска безбедност и воведе функција директор на националното разузнавање за да се надминат пропустите во споделувањето информации помеѓу американските агенциите како ЦИА и ФБИ.

Уследи и реформа на меѓународните разузнавачки служби, се зголемува прекуграничната соработка помеѓу разузнавачките агенции на НАТО, на ЕУ и Интерпол, ЕУ, со фокус на пресекување на каналите за финансирање тероризам.

Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш на 26 октомври 2001 година потпишува закон (USA PATRIOT Act) со кој се заострува електронскиот надзор и се намалува приватноста. Законот овозможува следење финансиски трансакции и апсење на осомничените без судски процедури.

На глобално ниво се воведуваат построги визни и правила за патување, воведени се биометриски пасоши, а на аеродромите се инсталирани скенери.

По нападите од 11 септември и преземените акции, светот се повеќе се поларизира, нарушена е рамнотежата на Блиски Исток, намалени се човековите права, а во пораст се ксенофобијата и национализмот.